1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Четириесет години по Тито

Норберт Мапес-Нидик
4 мај 2020

Пред 4 децении почина Јосип Броз Тито, борец на отпорот против фашизмот и поранешен шеф на државата Југославија. Со тоа започна и распадот на земјата. Денес тој повеќе не нуди ориентација, смета Норберт Мапес-Нидик.

https://p.dw.com/p/3bkX2
Jugoslawien Volksarmee Parade mit Marschal Josip Broz Tito in Beograd
Фотографија: Getty Images

Датумот цела една генерација го памти како една подоцнежна 11 септември: 4.мај 1980 година, недела, кога на телевизија беше објавена веста за смртта на Тито.  Во Сплит играше домаќинот Хајдук против Црвена ѕвезда од Белград кога во 41-та минута преку разгласот нѐ стаса веста. Десетици илјади луѓе плачеа, еден играч колабираше. Спонтано 50 илјади лица се распеаја во еден глас: „Друже Тито, ми ти се кунемо...”

„Титосталгија“

40 години подоцна насекаде во поранешното Титово царство владее „Титосталгија” која не може да се превиди, како што ја нарекува словенечкиот културолошки истражувач Митја Великоња. 
Штандови за сувенири и пазари за премети од втора рака се сведоци за трајната приврзаност. Српско одморалиште на автопат е украсено како олтар со безброј икони од Тито. Портрети од маршалот во неговата бела униформа висат по ѕидовите во хипстер барови.

Jugostalgie
Фотографија: DW/Olga Kapustina

Но, најсилни сведоци за неговиот ‘постхумен живот’ се анонимните анкети и фалбите кои постојано се кажуваат во загреана кафанска атмосфера на сметка на легендарниот претседател на државата и партијата. 
„Стариот” како што со респект го викаа додека беше жив, сепак никаде не добива такво признание во официјални рамки. За величање на неговото животно достигнување ниту една од седумте држави кои произлегоа од Југославија, не најде издржана формула. 

Спорен спомен во Хрватска

Во Хрватска, неговата родна земја, споменот на државникот и водач на партизаните, е многу спорен. Малото родно местенце на Тито на хрватско-словенечката граница, кое до деведеситите години беше споменик за борбата на партизаните, сега е преиначено во селски музеј, но сепак остана атракција за посетители.

Југоносталгијата е се‘ уште жива

Плоштадот Маршал Тито пред Националниот театар во социјалдемократскиот Загреб го задржа своето име и долго по распадот на Југославија; дури во 2017 година се најде десничарско мнозинство во градскиот совет кое го прекрсти во „Плоштад на Република Хрватска”. Риека и натаму има плоштад Маршал Тито. 

Повеќе:

-Критичко соочување со југословенското наследство

-Кога Тито му кажа „Не!“ на Сталин

-100 години Југославија: сакана, мразена, завршена!
За доминантната Хрватска демократска заедница (ХДЗ) маршалот останал не-човек. Партијата наместо да потсетува на Тито, потсетува на неговите жртви. Секоја година водечки политичари па сѐ до поранешни претседатели во австриското погранично место Блајбург учествуваат во прославите во чест на повеќе илјади соработници на Нацистите кои биле убиени по налог на диктаторот по крајот на втората светска војна. 
За основачот на партијата Фрањо Туѓман тоа не беше пречка да го копира стилот на водачот на партизаните до најмал детал на униформата. Ако во земјата прашате кој бил „најголемиот Хрват на сите времиња”, редовно тоа е Тито - пред Фрањо Туѓман.

Меѓу почит и заборавање

Во најголем дел непроменет е угледот на Тито во Босна и Херцеговина и во Северна Македонија. Двете земји, кога Југославија се распадна, помалку по своја волја стекнаа независност. Во Сараево и натаму најголемиот булевар го носи името на Тито, во Скопје има и негов споменик. Словенија кога е во прашање минатото исто како и Хрватска е поделена, но претежно е левичарска, па соодветно позитивна е и сликата за Тито. Во Косово со неговото младо население се чини дека југословенското минато речиси е заборавено. Меѓу постарите Тито, кој против српскиот отпор и помогна да стане автономна провинција и да се развие, и натаму ужива респект.

Во чест на маршалот Тито

Поранешниот шеф на Комунистичката партија Махмут Бакали, кој подоцна им се приклучи на националистите, својата дневна соба ја имаше декорирано со слики од Тито. Во Србија односот кон Тито е спротивен. Слободан Милошевиќ, моќникот од 1990те, во јавните настапи целосно го игнорира неговото наследство, театрално ја повлекува почесната стража од неговиот гроб и и ја одзема апанажата на неговата сопруга. За радикалните националисти, Хрватот е омразена личност: ја поттиснувал Србија на сметка на останатите нации. 
Како и да е, големо мнозинство жали за распадот на Југославија, така што повеќедеценискиот лидер се уште има силни следбеници. Кон неговата посмртна популарност придонесува и фактот дека ниту една од земјите наследнички не го има угледот на Југославија, ниту на меѓународен план, ниту меѓу своите граѓани. 

Убиство во Титово име

Тито- амбивалентна легенда

Тито се залагаше за национална самодоверба, чуство кое со него исчезна. Уште во Втората светска војна тој беше мистериозен бунтовник, кој никој не го видел и кој сите го знаат само по партизанското име, легенда, слично како подоцна Че Гевара. 
Фактот дека со својата јахта пловел по светките мориња, бил пријател со Вили Бранд, Нехру, Насер и Сукарно и и свирел на пиано на британската кралица Елизабета, дека на неговиот погреб допатуваат сите државници од целиот свет, ги прави горди современиците од сите југословенски националности. По смртта на Тито започнува падот. Добрите времиња како во 60-те и 70-те години, никогаш повеќе не се вратија. 
И историчарите исто така се мачат со Тито. Една голема, прилично сеопфатна биографиjа на Словенецот Јоже Пирјевец достигна голем тираж. Ретко кога оценките на научниот свет од времето по Тито се нешто повеќе од амбивалентни. Признаени се неговиот прекин на односите со Сталин во 1984, неговото залагање за Движење на неврзаните и Третиот свет, како и релативниот либерализам на неговиот режим. Но, на неговото конто се и масовни убиства во непосредниот повоен период и казнениот остров Голи Оток, на кој првично се испраќале антисоветските противници на Тито, а подоцна и други дисиденти. 
Проблемот со величањето на Тито е дека ништо не остана од неговите дела. Тој не обезбеди наследник, а распадот на неговата држава започна со неговата смрт. Колку и да беше голем неговиот углед, тој веќе не служи како патоказ.
 

Tito und Jovanka Broz Belgrad Archiv 1973
Тито и Јованка Броз, април 1973 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

 

 

 

 

 

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.