1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четиридневна работна недела: пилот-проект во Шпанија

Оливер Нојројт
1 мај 2021

Наместо пет, работната недела да трае четири дена– за овој модел се дискутира со години. Во Шпанија сега се спроведува како тест.

https://p.dw.com/p/3rcbX
Spanien Menschen gehen zurück zur Arbeit
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поборниците на идејата за четиридневна работна недела често го истакнуваат аргументот дека вработените ќе бидат помотивирани ако преку неделата имаат уште еден слободен ден. Во Шпанија сега се спроведува тест проект– работа во четири наместо пет дена, но иницијаторите во основа имаат поинаква цел.

Ињихо Ерехон, шеф на малата Левичарска партија Мас Паис, е еден од иницијаторите. Тој со месеци се залага за четири работни дена неделно.

„Шпанија е меѓу земјите во кои во европски рамки луѓето имаат најдолг работен ден. Освен тоа, нашата земја не е посебно продуктивна. Зошто да не пробаме да поминуваме помалку време на работните маси, а да имаме повеќе време за убави нешта?“

Ерехон побарал дозвола за четиридневна седмична работа од шпанската влада, коалиција на Социјалистите и левориентираната партија Подемос. И ја добил – дозволен е тест-проект. Тој треба да почне наесен, околу 6.000 вработени во 200 главно мали и претпријатија со средна големина ќе работат еден ден во неделата помалку, и тоа најмалку една година.Сепак ќе добиваат цела плата.

Помалку работни денови за повеќе работни места

Идејата е фирмите да создадат нови работни места. Ако вработените остануваат еден ден помалку неделно во фирмата, таа ќе може да ангажира дополнителни работници со цело работно време за да го обезбеди обемот на работа. Шпанската држава за таа цел ќе им плаќа пари на претпријатијата, се дискутира за вкупно 50 милиони евра.

Пари, кои всушност не се отповеќе во буџетот, но би можеле да стигнат од корона-пакетот за помош од ЕУ. Професорот по економија Хуан Торес од Универзиттеот Севиља тоа не го смета за драматично:

„Јасно, даваме пари за експеримент за кој не знаеме дали нешто ќе донесе. Но, трошоците се прегледни, тие во никој случај не им конкурираат на другите средства за помош кои се исплатени во пандемијава. Во споредба со нив, станува збор за мала сума.“

Цветна глетка за локдаун-зен

Научникот економист е сигурен дека четиридневната работна недела ќе овозможи нови работни места. „Без сомнение", вели тој. А на Шпанија итно ѝ се потребни нови работни места. Во февруари бројот на невработени ја премина границата од четири милиони, првпат по скоро пет години. Тогаш земјата се бореше со последиците од тешката економска криза, а сега со последиците од коронавирусот.

Пандемијана прв поглед се чини како најлошиот замислив момент за ваков проект. Но, истовремено е и добар момент. Преку коронавирусот мора да се прилагодуваме, и тоа сите, и претпријатијата и ние самите," вели Торес.

Пилот-проектот ќе го води група експерти во која се застапени претставници на владата, на синдикатите и стопанското лоби.

Критики од стопанствениците

Критика меѓутоа стигнува токму од стопанството. Здружение на стопанственици од регионот Арагон на пример смета дека експериментот е целосна бесмислица. За да се излезе од кризата, треба да се работи повеќе, а не помалку, велат тие. Иницијаторот Ињихо Ерехон го брани концептот за четиридневна работна недела:

„Нашиот експеримент ќе даде резултати, па потоа можеме да дебатираме повторно за работните услови во Шпанија. Сигурен сум дека нашиот проект ќе придонесе за подобра работа и дека на сите нешто ќе им донесе.“

Профитери можат да бидат првенствено младите луѓе во Шпанија. Тие се често соочени со добивање работни договори со неповолни работни услови и мора да работат од десет до единаесет часа на ден. Ако отпадне еден работен ден во неделата, тоа би значело покачување на платата за 20 %. Но, прашање е дали претпријатијата ќе бидат расположени да ја спроведуваат практиката по експериментот, ако државата не им дава повеќе субвенции.