1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чесите не спијат за да видат кој ги бара на Фејсбук

12 ноември 2011

За оние кои ги познаваат Чесите ќе речат дека се мнофу фини и пријатни, но дистанцирани. Затоа, пак, во интернет тие се многу отворени и комуникативни. Секој трет жител е член на Фејсбук или некоја друга социјална мрежа.

https://p.dw.com/p/12vpk
Социјалната мрежа Фејсбук е најомилена меѓу граѓанитеФотографија: picture-alliance/dpa

Со ова Чешка се наоѓа на врвот во Европа, покажа едно истражување направено од страна на производителот на чипови „Интел“. 19-годишниот Ондреј е горд што самиот, од тоа што заштедил, можел да си го купи најновиот смартфон. На Ондреј му е важно да биде 24 часа достапен за неговите пријатели од „Фејсбук“.

„Често го користам телефонот за да можам да комуницирам со луѓето. Постојано ми пристигнуваат нови пораки, а освен тоа, сакам и многу да бидам на чет со пријателите. Понекогаш сум дури и по четири часа вклучен на Фејсбук“, објаснува младиот Ондреј.

Тој не е исклучок во земјата. Секој трет жител на Чешка има профил на социјалната мрежа Фејсбук или на некои други мрежи. Со ова Чесите се наоѓаат на врвот во Европа. Дури во Германија и во Франција има многу помалку луѓе присутни во светот на онлајн-комуникацијата. Што се однесува до секојдневното користење, Чесите се исто така многу поактивни, отколку остатокот од Европа, потврдува портпаролот на „Интел“ Павел Совода, што ја спроведе истражувањето.

„За мене лично резултатите од истражувањето беа шокантни. Имено, голем број луѓе не можат да се наспијат воопшто добро. Тие сакаат што е можно побрзо да проверат дали има нешто ново во мрежата. Повеќе од 30 проценти од Чесите ги контролираат пораките на Фејсбук наутро, уште пред да станат од кревет. А, пак, 37 проценти го прават тоа најдоцна за време на појадокот“, објаснува Совода.

Flash-Galerie Wochenrückblick KW 34
37 проценти од луѓето се вклучуваат на Фејсбук уште за време на појадокотФотографија: picture alliance/dpa

Лаптоп-компјутерите и смарт-телефоните се дел од комуникативното секојдневие на младата генерација

Лаптоп-компјутерите и смартфоните станаа важен дел на масата за појадок кај се’ поголем број Чеси. Освен тоа, интернет страните на Фејсбук и Твитер се речиси секогаш вклучени. Негувањето на сопствениот профил во мрежите навечер, во некое кафуле со чаша пиво, стана еден вид животен стил кај младите Чеси, објаснува социологот Петр Кубски:

„Чесите не се екстровертиран народ и тешко склучуваат контакти со нови луѓе. Од таа причина онлајн-комуникацијата е од голема предност за луѓето кои се воздржуваат, се повлечени и имаат комплекси. Таквите луѓе во нашето општество ги има можеби многу повеќе во споредба со европскиот просек“, вели Кубски.

Нова техника, нови трендови

Senioren surfen im Internet
Секој трет жител на Чешка е член на ФејсбукФотографија: dpa

Друга причина поради која дојде до Фејсбук-еуфорија во Чешка е традиционалната воодушевеност на луѓето од новата техника. Додека старата генерација порадо сака да поправа мотори и машини, младата генерација е луда по нови компјутери, мобилни телефони и по новите трендови во интернет:

„Темпото со кое се шират смартфоните е многу големо. Со нив луѓето можат да се вклучат на социјалните мрежи дури и кога се на пат, а не само додека работат на компјутер. Огромната популарност на Фејсбук и растечкиот број на смартфоните спаѓаат во истиот тренд“, вели социологот Петр Кубски.

И покрај лидерската позиција на Чесите во користењето на социјалните мрежи во Европа, во споредба со други земји во светот земјата се наоѓа некаде на средината. Според истражувањата на „Интел“, засега најактивни се граѓаните на Саудиска Арабија, Египет и Јужна Африка.

Автор: Штефан Хајнлајн / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска