1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор кон европски ислам

Петер Филип4 декември 2008

„Либералноста и религијата - општествата меѓу секуларизмот и ренесансата на религиозноста“, е темата на меѓународната конференција, која беше одржана деновиве во Дојче Веле во организација на фондацијата Фридрих Нојман.

https://p.dw.com/p/G7XX
Соживот меѓу муслиманите и христијаните во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Во средиштето на дискусиите беше односот на муслиманите во Германија кон државата и општеството, како и соживотот со другите верски заедници.

На самиот почеток на конференцијата, Ајуб Аксел Келер, претседателот на Централниот совет на муслиманите, и‘ одаде признание на Германија:

„Германија консеквентно оди по патот на секуларна демократија. Германскиот модел на секуларизам, со претпоставката - принципот на соработка меѓу државата и религиозните заедници, е успешен модел, тој може да служи за пример и во другите земји, ги наведува луѓето на размислување дури и во Франција. И ние се залагаме за тоа.“

Темата ислам и неговиот однос кон христијанското општество во Германија и Европа беше на преден план. Фолкер Фајгле од Евангелистичката црква меѓутоа предупредува:

„Со право треба да се постави прашањето: христијански запад? Се разбира, ние го имаме христијанскиот запад како наша култура, но јас не се согласувам со тоа, зашто, тоа значи повторно исклучување на другите, што не е така.“

Symbolbild Islam in Deutschland
Муслиманските граѓани се дел од германското општествоФотографија: DW Fotomontage

Свесни за своите обврски

Во Германија денеска живеат 3 милиони муслимани, тие се трета по големина религиозна заедница. Малцинство, но во земја која во многу погледи е различна од другите држави во исламскиот свет. Но, тоа не е никаква пречка, мисли Ајуб Келер:

„Бидејќи ништо не зборува против зацврстувањето на муслиманите во еден немуслимански правен поредок, за нас важи задолжителната консеквенца: муслиманите се согласуваат со уставниот правен и демократски ред и точка. Без ’но’ и ’ама’.“

Овој уставен поредок е востановен по Втората светска војна, кога уште не можело да се претпостави дека во Германија еден ден ќе живеат други верски заедници освен католиците и протестантите. Во меѓувреме, развојот оди сосема поинаку. Повторно има Евреи, а посебно, растечка муслиманска верска заедница. Новата ситуација бара неутралност на државата кон религијата, смета Филип Реслер, младиот покраински претседател на Либералите во Долна Саксонија.

„Колку има повеќе различни религии и погледи на свет, толку е поважно државата да се држи до неутралноста и да не протежира или дискриминира некоја верска заедница.“

Муслиманите се свесни за овие вредности, верува Ајуб Келер и затоа имаат активна одговорност во Германија:

„Со обврската да го почитуваме германскиот устав, ние се обврзавме и кон негова заштита. Крајно, ние во светот, посебно во исламскиот, имаме искуства со неслободите. Многумина дошле овде токму поради слободата. Неа треба и да ја браниме овде. Немаме цел создавање на верска, божја држава.“

Ayyub Axel Köhler
Ајуб Келер, претседател на Централниот совет на муслиманите во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Скапо и тешко извојувана слобода

Оваа слобода, која ја нудат Европа и Германија не е дојдена од денес до утре, потенцира Фолкер Фајгле:

„Тоа бил долг, трновит процес. Постоеле времиња на кризи и борби за власт, кои континентот го донесле на работ на неговата моќ за преживување. Една речиси 200 години долга борба.“

Црквите од своја страна не се залагале за поддршка на религиозна држава, зашто таква на дел од населението нужно им го краде правото на слободна вероисповест:

„Според црковното сфаќање, само религиозно неутралната држава може да обезбеди целосна уставна слобода на верата,“ вели Фајлгле.

Слободата меѓутоа, заклучува Ајуб Келер, е една од најважните вредности на нашето општество. Затоа мирниот соживот со муслиманите во ова општество е важен чекор кон развојот на модерен, можеби европски ислам:

„Недостатокот од слобода во т.н. исламски свет е една од најважните основи за заодот на исламскиот верски духовен живот.

Овде во Германија ние би имале имаме можност за современо сфаќање на исламските извори, кое води сметка за денешните животни предизвици, и нов, сопствен исламски идентитет во Европа.“