Чавушоглу: „Од ЕУ добиваме само навреди“
15 август 2016Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервју за германскиот весник „Билд“ упати остри критики на адреса на ЕУ. Неговата земја прави напори како ретко кој за да ги исполни условите за пристап кон ЕУ. „Но, она што сега го доживуваме од делови на ЕУ се исклучиво закани, навреди и тотална блокада. Се прашувам: каков престап направивме? Зошто е ова непријателство кон Турција?“, вели Чавушоглу, разочаран што по неуспешниот воен пуч, Турција не добила поголема поддршка од ЕУ. Европејците не ја разбираат трауматизираноста на турскиот народ, „тие не‘ понижуваат наместо да ни помагаат“, критикува турскиот министер.
Визна либерализација
Тој инсистира на придржување кон постигнатиот договор со ЕУ за визна либерализација за турските граѓани до октомври. „Кога укажувам на договорот, одеднаш многумина реагираат раздразнето. Но, неприфатливо е од наша страна да се спроведува се‘ што е во прилог на ЕУ, а Турција да не добие ништо за возврат“, истакнува Чавушоглу. Поради внатрешнополитичките настани во Турција и владејачките антитерористички закони, бројни политичари од ЕУ побараа одложување на предвиденото укинување на визите за турските граѓани за влез во Унијата. Анкара пак се закани со раскинување на договорот за бегалците постигнат со ЕУ, доколку до октомври не стапи во сила визната либерализација. Последица би била нова навала на бегалци во Грција.
Во овој контекст Чавушоглу повторно потсети на обврската на ЕУ за плаќање три милијарди евра на Турција: „Парите не се за нас, туку за бегалците, нашата земја го носи главниот товар“.
Критика кон НАТО
Шефот на турската дипломатија ја истакнува и улогата на Турција како еден од најголемите поддржувачи на НАТО. „Јасно е дека мораме да соработуваме при купувањето и продажбата на оружени системи со другите партнери“, вели Чавушоглу, тврдејќи дека одделни членки на НАТО не ја информираат Турција на пример при продажбата на системи за воздушна одбрана и ја заобиколуваат при размената на информации. Истапувањето на Турција од НАТО, според Чавушоглу, е тема лансирана од антитурски кругови, а не од самата Турција.