1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чавизам без Чавез

Марк Кох/ Симе Недевски12 декември 2012

Претседателот на Венецуела Хуго Чавез, кој боледува од рак, пред операцијата на Куба, го одреди посакуваниот наследник. Тоа изгледа како уредно предавање на власта. Сепак многумина стравуваат од хаос по ерата на Чавез.

https://p.dw.com/p/16zwf
Хуго ЧавезФотографија: dapd

Молк дури и на неговиот Твитер-профил. Претседателот на Венецуела Хуго Чавез не се огласил преку Твитер повеќе од еден месец, а тоа за него е невообичаено. На телевизија го немало веќе три недели, а тоа е неговиот омилен медиум за комуникација. Исто така се нема појавено ни во предизборната кампања за регионалните избори кои се одржуваат на викендот. Тој во меѓувреме ги изненади сите кога преку медиумите објави дека доколку повеќе не биде во состојба да ја извршува функцијата, сака да биде наследен од потпретседателот и министер за надворешни работи Николас Мадуро.

Преодна фаза и несигурност

Така Хуго Чавез- штотуку по четврти пат избран за претседател- првпат призна дека можеби повеќе нема да може да ја извршува функцијата. Ќе мора да биде опериран во Куба, исто така по четврти пат, а исходот на операцијата и шансите за заздравување се неизвесни. Сега од нив зависи и судбината на Венецуела. Прогласувањето наследник е „големо предавање на штафетата со што станува јасно дека започна преодната фаза, а такви фази секогаш се проследени со општа несигурност“, вели Хавиер Коралес, професор по политика на американскиот колеџ Амхерст. Иако Чавез на својата партија и на следбениците им го препорача Мадура, како „најдобар човек“, тоа ни од далеку не значи дека тие ќе ја послушаат препораката.

Nicolas Maduro Venezuela
Потпретседателот на Венецуела и министер за надворешни работи Николас МадуроФотографија: AFP/Getty Images

Никој како Чавез

Николас Мадуро, поранешен возач на автобус и лидер на синдикатите е добар пријател на претседателот и еден од малубројните кои ги знаат сите детали за здравјето на Чавез. Како министер за надворешни работи тој искажуваше трезвеност и префинетост. Многу е омилен во кругот на „чавистите“- важи за повлечен, иако во последните години многу промислено и доследно го зацврстуваше своето влијание.

„Мадуро е човек на левицата, доаѓа од Социјалистичката партија. Тој е цивилно лице и би можел да има тешкотии со војската“, вели венецуеланската историчарка Маргарита Лопез Маја.

Официјално во Обединетата социјалистичка партија никој не протестирал поради именувањето на Мадуро. Но, покрај него постои и уште една моќна личност- претседателот на парламентот Диосдадо Кабелјо. „Тој навистина има моќ: ја контролира патијата и парламентот, потекнува од војската и е човек од доверба на Чавез“, вели Лопез Маја додавајќи: „Сепак ниту тој ниту Мадуро немаат раководечки способности како Чавез, особено кога станува збор за контрола на партијата“.

Diosdado Cabello Venezuela Parlamentspräsident
Претседателот на парламентот на Венецуела, Диосдадо КабелјоФотографија: AFP/Getty Images

Континуитет или хаос?

Прашањето на наследник ќе има големо значење и на меѓународен план. И покрај ексцентричноста на Чавез и покрај неговата револуционерна аура посебно во односите со САД, и покрај дипломатскиот флерт со Иран, Сирија, Белорусија или Кина- актуелниот претседател на меѓународно-политички план беше предвидлив и пресметлив. За латиноамериканските земји како Боливија, Куба, Еквадор или Никарагва кои Чавез ги поддржува не само идеолошки туку и со парите од венецуеланската нафта, прашањето за негов наследник е од егзистенцијално значење. А странските инвеститори повеќе стравуваат од хаотична промена на врвот, отколку од актуелниот социјалистички интервенционизам.

Чавез го знае тоа, што се покажа и во неговиот настап во минатиот викенд. Многу често тој ја повикуваше својата партија и нејзините членови на единство и патриотизам, апелирајќи до сите и натаму да го следат „венецуеланскиот пат на социјализам“. Тоа ќе биде возможно само ако наследникот биде способен да ги заддржи заедно различните групи кои постојат во рамките на идеологијта на Чавез.

Можната борба за власт битно ќе ја дестабилизира не само државата туку и нејзината економска основа- нафтената индустрија. „Во првите недели и месеци не очекувам некаква непосредна политичка криза, зашто ќе преовладува сочувство и солидарност со претседателот. Но среднорочно ќе се појави несигурност, зашто ’чавизмот’ е многу хетероген и полн со внатрешни тензии а го карактеризира и персонализирана култура на раководење“, вели Лопез Маја.

Пред заминувањето на Куба, Чавез - мислејќи на Мадуро- рече дека републиката и револуцијата се во добри раце. Но не кажа колку долго ќе биде во тие раце.