Цути шверцот преку Охридското езеро
3 август 2012Кога ќе се спомене Радожда, село лоцирано десет километри јужно од Струга и на само два километри од границата со Албанија во јавноста асоцира на кражба и шверц.Цели две децении полициските билтени се преполни со стотици записници и кривични пријави за успешно пресечени шверцерски канали околу Охридското езеро. Дел од жителите велат дека по паѓањето на железната завеса во Албанија и со демократизацијата во Македонија безбедноста е влошена. Признаваат дека некогаш на овој простор не можело „ни пиле да прелета “ а сега според нив границата личела на „швајцарско сирење“. Не би се согласил со таа констатaција , напротив делот од Охридското езеро во континуитет е надгледуван од страна на езерската полиција. Контроли и акции изведувало и одделението за организиран криминал при Министерството за внатрешни работи во соработка со граничната полиција и СВР – Охрид, вели Стефан Димоски – портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид .
Криминалците се меѓу нас – не сме сигурни
Серијата кражби на вредни икони од црквите преку Радожда до Дримкол и Малесија всадија несигурност кај населението: „Кога и црквите ги крадат и пљачкосуваат никогаш нема да биде безбедно тука. Овде се врши тој криминал, тука се пљачкосува. Да беа границите како порано до ова немаше да дојде, “смета Арсе кој со децении живее во Германија,а секое лето е во родното Радожда. Има и такви кои велат: „Не бе, порано имаше,а сега нема повеќе крадење на кајчиња во толкав број “, вели Власе. Очигледно тоа укажува на фактот дека организираните мешани криминални групи од двете страни на границата станале пософицитирани и за нив се подоходовни други црни бизниси. Јавна тајна е дека кај Радожда од Албанија кон Македонија и обратно, најчесто ноќе се криумчарат многу нешта дури оружје и дрога.
Шверцерите, како да не се плашат од полицијата
Минатата година Езерската полиција запленила 1175 рибарски мрежи, 450 блинкери и 240 килограми разни видови риба. Годинава за само шест месеци од криминалците полицијата одзела 1095 мрежи , 375 блинкери и 235 килограми риба и подводни пушки:
„Кон крајот на минатиот месец во близина на Радожда беа пронајдени и одзмени 10 килограми марихуана, 175 рибарски мрежи, 22 килограми белвица . Тоа беше уште еден обид за шверцување на риба и опојна дрога. Во април годинава кај месноста Лагадин на источното крајбрежие нов обид за шверц. Пресековме канал за шверцување на околу 900 килограми кафе наменето за натамошен транспорт,“ додава Димоски.
Границата во езерото десет години е необележана
Шверцот на кајчиња не престанал. Наши луѓе се врзуваат со Албанците и за 200 до 300 евра крадат кајчиња од Охрид и Струга,, Радожда, Пештани и Трпејца и ги пренесуваат во Лин и Поградец. Пред три години и мене ми украдоа кајче, раскажува Виктор. Ја ангажирал и полицијата бил на другата страна на езерото ,ама кајчето не го нашол. Во соработка со албанската полиција многу кајчиња се вратени кај сопственците, открива портпаролот Димоски: „Таа соработка е одлична. Ќе продолжи и натаму во делот на пронаоѓање на пловни објекти кои од албанска страна се водат како одземени.“
Немањето колектор и редица други комунални проблеми,како и информациите за наводна вмешаност на радождани во шверц на се’ и сешто значат удар за туризмот. Гостите се бројат на прсти,а Арсе загрижено вели: „Со кражби на дрога и ред други нешта не би требало да се работи. Ние сакаме да одиме во Европа. Но на овој начин – не. “
Полицијата деноноќно се надмудрува со шверцерите. Контролира толку колку што е моќна. За да го врати чувството на безбедност кај луѓето ќе и треба многу. Симболично за регион без граници или како негрижа – како да се протолкува веќе над десет години необележената гранична линија која го дели Охридското езеро меѓу двете земји.