1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: Крај на еден реформски експеримент?

Кено Верзек
4 февруари 2022

Во летото 2020 година, во Црна Гора заврши долготрајното автократско владеење на Мило Ѓукановиќ. Но, сега паѓа првата реформска влада во земјата. Промените се покажаа помакотрпни отколку што се мислеше.

https://p.dw.com/p/46VKe
Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ (во преден план) и вицепремиерот Дритан Абазовиќ (лево)
Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ (во преден план) и вицепремиерот Дритан Абазовиќ (лево)Фотографија: Government of Montenegro

Црна Гора е најмалата земја на Западен Балкан, а сепак е една од најнепрегледните во регионот. Ова во моментов е толку видливо, како ретко кога во последниве години: Во земјата завршува, барем засега, кусиот и турбулентен реформски експеримент,  чиј тек втренчено го следат речиси сите соседни земји. Денеска (04.02.2022) експертската влада на премиерот Здравко Кривокапиќ, која е на функција само 14 месеци, треба да биде соборена со гласање недоверба во парламентот во Подгорица.

Гласањето, по долготрајната борба за надмоќ во владата, беше иницирано од вицепремиерот Дритан Абазовиќ, претседател на малата зелено-либерална коалициска партија Обединета реформска акција (УРА). Номинално, станува збор за надминување на реформската блокада и назначување на малцински владин кабинет. Тој би требало да работи поефикасно од претходната влада и, пред сè, да обезбеди напредок во интеграцијата на Црна Гора во ЕУ, на пример преку судските реформи.

Во заднина, сепак, стојат комплицираните политички борби за моќ кои би можеле да резултираат со долготрајна нестабилност и запирање на реформите. Последиците од овие борби за моќ се протегаат речиси на целиот Западен Балкан. Тоа, пак, е од големо значење за европската политика, бидејќи Западен Балкан економски, финансиски и демографски е тесно поврзан со ЕУ.

Вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ
Вицепремиерот на Црна Гора, Дритан АбазовиќФотографија: URA

Владина коалиција на спротивности

По распадот на Југославија, Црна Гора со децении беше управувана автократски - од 1991 година таму владееше поранешниот млад комунист Мило Ѓукановиќ со неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС). Но, на парламентарните избори во август 2020 година, манипулациите и лажирањата за првпат веќе не функционираа: ДПС го загуби мнозинството, претседателот Ѓукановиќ - кој ќе остане на функцијата до пролетта 2023 година - мораше неволно да се согласи на промена на власта.

На власт дојде крајно контрадикторна коалиција на три партиски сојузи, чиј спектар се движи од десничарски конзервативни националисти до проевропски еко-либерали. Единствена заедничка цел: да се протераат Ѓукановиќ и ДПС од државните контролни центри. По тешките коалициски преговори, во декември 2020 година стапи на должност експертска влада, предводена од машинскиот инженер Здравко Кривокапиќ, кој се прослави во протестите против Ѓукановиќ, но беше политички неискусен.

Без структурни реформи

Прокламирана цел на експертската влада беше фундаментална демократска и уставна трансформација на Црна Гора. Тоа  ѝ е повеќе од неопходно на земјата: Три децении корупцијата и злоупотребата на власта беа секојдневна појава, независно судство или независни државни институции не егзистираа. Фактот дека Црна Гора води пристапни преговори со ЕУ од 2012 година не го промени ова. 

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ
Претседателот на Црна Гора, Мило ЃукановиќФотографија: Omer Evren Atalay/AA/picture alliance

Кога експертската влада на премиерот Кривокапиќ ја презеде функцијата во декември 2020 година, многу набљудувачи претпоставуваа дека реформскиот процес ќе биде тежок. Тоа се покажа како точно. Владата, за волја на вистината, презеде активности во борбата против организираниот криминал, особено против трговијата со дрога. Голем број поранешни високи функционери и политичари се под истрага за корупција и злоупотреба на службената положба. Но, далекусежни структурни реформи, на пример во судството или во борбата против корупцијата, изостанаа.

„Океан на разлики“

„Ќе мине долго време пред да ја прекинеме традицијата на злоупотреба на државната власт за партиски интереси и управување со Црна Гора како партиска земја“, вели за ДВ, Жељко Ивановиќ, публицист и директор на „Вијести“, најголемиот дневен весник во земјата. „Со оглед на тешките околности во Црна Гора, големо достигнување е што оваа експертска влада преживеа 14 месеци на власт“.

Политикологот Далиборка Уљаревиќ од Центарот за граѓанско образование (ЦГО) во Подгорица за ДВ, пак, истакнува дека постои „океан на разлики“ во коалицијата и во владата што се отвори набргу по промената на власта во 2020 година. „Како резултат на тоа, промените досега беа номинални наместо квалитативни. Општеството е во состојба на поларизација и е незадоволно од насоката во која се движи земјата“.

Karte Montenegro DE

Нема отстапување од прозападната ориентација

Најголемата спорна точка во коалицијата и во владата е надворешно и идентитетско-политичката ориентација на Црна Гора. Само околу 45 отсто од луѓето во земјата се означуваат себеси како Црногорци, најмалку 29 отсто како Срби, а има и Бошњаци, Албанци, Роми и Хрвати. Иако, независноста од државната заедница со Србија, која беше прогласена во 2006 година, само малкумина ја доведуваат во прашање, сепак, некои политички партии, особено оние од десничарската конзервативно-националистичка алијанса Демократски фронт (ДФ), повикуваат на блиски врски со Србија и со Русија.

Премиерот Кривокапиќ, кој е близок до Српската православна црква (СПЦ), се спротивстави на ваквите стремежи. Тој се држеше на дистанца од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој сака да ја вклучи Црна Гора во големосрпската сфера на влијание. Кривокапиќ, исто така, не го доведе во прашање членството на Црна Гора во НАТО, интеграцијата во ЕУ и признавањето на Косово, дури и го разреши министерот за правда Владимир Лепосавиќ во 2021 година, кој го негираше геноцидот во Сребреница. Сето ова го поттикна ДФ да ја повлече својата поддршка за владата уште во летото 2021 година. Тоа е еден од потезите кои ја предизвикаа актуелната блокада на реформите.

Црна Гора како дел од „српскиот свет“

Но, Кривокапиќ, од своја страна, често делува како продолжена рака на Српската православна црква. Жељко Ивановиќ за ДВ вели дека во земјата е во тек „забележлива клерикализација“. СПЦ има големо влијание и богатство во Црна Гора. Иако, нејзините позиции не се во согласност со политичките интереси на српската држава во Црна Гора, сепак, таа ја гледа Црна Гора како дел од „српскиот свет“, односно српскиот идентитетски и културен простор. Според Ивановиќ, јасно е дека СПЦ го прекрши ветувањето дадено во 2020 година дека нема да се меша во политиката.

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, денеска (04.02.2022) најверојатно ќе мора да си замине од функцијата
Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, денеска (04.02.2022) најверојатно ќе мора да си замине од функцијатаФотографија: Sasa Matic/Government of Montenegro

Со оглед на реформската блокада и идеолошките турбуленции, вицепремиерот Абазовиќ пред неколку недели предложи формирање на владин кабинет заснован на стабилно парламентарно малцинство и толериран од делови од опозицијата. Предлогот резултираше со жестока борба за власт со премиерот Кривокапиќ. Тој, имено, го обвини Абазовиќ дека е „предавник“ и дека на задна врата се обидува да ја врати на власт ДПС на Ѓукановиќ.

Нејасно е што ќе се случува понатаму. Се очекува на функција да стапи техничка влада и да управува со земјата до изборите наесен или до пролетта 2023 година. Се смета дека е малку веројатно оти ваквата влада ќе спроведе далекусежни реформи. Сепак, реформскиот процес нема комплетно да запре, прогнозира Далиборка Уљаревиќ. И таа укажува на една надежна околност: „Во голема мерка, нашите граѓани се далеку попрогресивни од повеќето политичари кои ги претставуваат“.