Црвенковски обелодени предлог за името од Нимиц
29 мај 2012Лидерот на опозицискиот СДСМ и поранешен премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски синоќа во емисијата Х/0 на Канал 5 обелодени документ од 2005-та година во кој медијаторот Метју Нимиц наводно предложил три години земјата да се нарекува Република Македонија со латинична транскрипција, а по три години да го употребува уставното име Republic of Macedonia (Република Македонија).
Со документот кој содржи печат „државна тајна“, се предлага јазикот на државата да се нарекува македонски, односно „Macedonian“ во меѓународна транскрипција, тврдеше Црвенковски.
Предлогот беше одбиен од тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Од ВМРО-ДПМНЕ неодамна тврдеа дека со прифаќањето на овој предлог, Црвенковски прифатил промена на националниот идентитет.
Црвенковски во емисијата изјави дека е свесен оти го прекршува правилото за чување државна тајна, но смета оти Груевски прв го нарушил тоа правило кога проговорил за содржината на документот.
Црвенковски уште еднаш повтори дека во 2008-ма година заедно со Груевски на самитот на НАТО во Букурешт прифатиле промена на уставното име во Република Македонија - Скопје.