1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски: За СДСМ, во овој момент, не сме решение ни јас, ни Заев!

Катерина Блажевска7 мај 2014

Денес на партијата и е потребно лидерство со голем кредибилитет и уште поголем обединувачки капацитет, авторитет кој ги надминува рамките на партијата, вели поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.

https://p.dw.com/p/1Bv2o
Фотографија: MAKFAX

Беше лидер на СДСМ од септември 1991 се до 2004 година, кога стана шеф на државата. По завршувањето на претседателскиот мандат, од мај 2009 повторно раководеше со партијата се до јунскиот конгрес во 2013 година, кога одби да биде кандидиран, по што за лидер на партијата беше избран Зоран Заев. По една година молк, реши да прозбори за предизвиците со кои се соочува СДСМ, особено по непризнавањето на изборите и враќањето на пратеничките мандати.

ДВ: Деновиве бевте под силен притисок на јавноста да се изјасните за одлуките на СДСМ. Ве принуди ли тоа да го прекинете молкот, по цела година на самоизолација?

„Во изминатaва година намерно се повлеков од јавноста, бидејќи не сакав на било каков начин да пречам во реализацијата на концептот на новото раководство на СДСМ. Тој концепт претставуваше дисконтинуитет на политиките за кои јас се залагав по „црниот понеделник“: продолжување на отпорот, делигитимирање на институциите со нивно напуштање и бојкот на локалните избори. Во исправноста на моите намери не успеав да ги убедам сите битни играчи во партијата, меѓу кои и двоецот што денес ја води партијата, Шеќеринска-Заев. Отпорот пропадна, не заради притисокот од странците, кој постоеше - но за мене не беше пресуден, туку заради внатрепартиско неединство. За тоа не обвинив никого и целата одговорност ја презедов лично. Со тоа сакав да го ослободам новото раководство од каква било хипотека и да им овозможам промоција на новата политика на 'конструктивност' и 'институционална битка' против власта на Груевски. Сите сомнежи ги чував во себе и посакував победа над овој недемократски режим. За жал, изборите не донесоа таков резултат. Одлуката да не се признаат изборите и да се бојкотира парламентот, не е спорна и целосно ја подржувам. Но, со таа одлука се прогласи и пораз на концептот на конструктивност промовиран лани од СДСМ и се случи враќање на позициите на кои се наоѓавме пред прекинувањето на отпорот. Такви радикални промени на стратегијата на дејствување не можат да поминат без тектонски потреси во која било партија. И тука не се работи за некаква мала група на незадоволници како што се пласира во јавноста, туку за посериозен проблем, со кој треба да се соочиме и да бараме решение, а не да го релативизираме со етикетирање и дискредитирање. СДСМ денес се наоѓа во сериозна криза, а без силен СДСМ нема ни силна опозиција, ни успешна борба против овој режим. Во име на она што сум бил и во партијата и во државата, чувствувам одговорност во овој критичен момент јавно да го кажам моето мислење“.

Branko Crvenkovski Radmila Sekerinska Zoran Zaev Wahlkampagne Parlamenstwahlen SDSM,
Со одлуката да не се признаат изборните резултати се прогласи и пораз на концептот на конструктивност промовиран од новото раководство, вели ЦрвенковскиФотографија: MIA

ДВ: Значи, вие целосно ја поддржувате одлуката за непризнавање на изборите и за враќање на мандатите?

„И повеќе од тоа. Сметам дека опозицијата не требаше, а ни во иднина не треба да учествува на избори под вакви услови, организирани од ваква власт. Овој тоталитарен режим мора да се делегитимира целосно, а не со наше учество во институциите и на однапред режирани избори да станеме соучесници во создавањето привид за некаква „нормалност“ и „каква –таква“ демократија. Беше голема грешка и опозициската поддршка на измените на Изборниот законик, кога си имаме работа со власт која не почитува ни Устав ни закон и ги крши кога сака и како сака. Политичка наивност е да се мисли дека за такви прекршувања може да се покрене постапка пред вакво партизирано обвинителство и да се очекува судска разрешница пред вакво партиско диригирано судство. Македонија одамна не е ни демократска ни правна држава. И уште нешто. Треба да заборавиме на илузиите дека некој однадвор ќе ни ги реши проблемите, а такви илузии во изминатата година често се подгреваа. Слободата се освојува, не се подарува. Или сме подготвени да се бориме за неа или ќе трпиме со наведнати глави“.

Proteste in Mazedonien am 29.12.2012
„Треба да заборавиме на илузиите дека некој однадвор ќе ни ги реши проблемите, а такви илузии во изминатата година често се подгреваа“Фотографија: AFP/Getty Images

ДВ: Во пресрет на Конгресот на 11-ти мај, се разгореа внатрепартиски шпекулации во две насоки - останува ли Заев на лидерската позиција или „се враќа Бранко“?

„Уште еднаш ќе повторам. СДСМ е во сериозна криза, една од најтешките од формирањето на партијата. Ќе биде ѓаволски тешко брзо да се консолидира, да се постигне единство, да се мотивира членството и да се охрабрат граѓаните. А отпор не се тера од канцеларии и на прес- конференции. За тоа е потребно лидерство со голем кредибилитет и уште поголем обединувачки капацитет. Потребен е авторитет кој ги надминува рамките на партијата. И да бидам директен: за оваа ситуација не сме решение ни јас, ни Заев. Зошто не јас? Постојат повеќе причини, но ќе споменам само една, која е сосема доволна: 'Бранко е крив'. Оваа перцепција, без разлика колку е производ на смислена негативна кампања, а колку се должи на мои објективни грешки, не смее да биде дополнителен товар на партијата во овие тешки времиња. Што се однесува до Заев, исклучително ја ценам неговата храброст и решителност во обелоденувањето на криминалните афери на власта. Тоа мора да се почитува. Но серијата погрешни проценки за клучни прашања, водењето на политика од денес до утре, продуцирањето на внатрешни поделби во партијата, за жал, не гарантираат успешно лидерство. Сметам дека за СДСМ е најдобро да се оди со сосема ново решение“.

ДВ: Ако СДСМ има кадровски решенија, како што велите, со посилен кредибилитет и уште поголем обединувачки капацитет, зошто тие и досега не биле промовирани?

„Се разбира дека има. Нема да лицитирам со повеќе имиња. Во оваа прилика само би го споменал нашиот претседателски кандидат Стево Пендаровски. Неговиот изборен резултат од 400.000 гласови, под еднакво нерегуларни изборни услови, наспроти 280.000 гласови за пратеничката листа на СДСМ со коалицијата, говори за кредибилитет кој мора да се респектира. ВМРО-ДПМНЕ и покрај сите напори и огромни потрошени пари, не успеа да реализира ефикасна негативна кампања против Пендаровски. Неговата беспрекорна биографија не им остави простор за тоа. Пендаровски не бил и не е дел од какви било партиски поделби, што би му дало одлична стартна основа за внатрешно помирување и обединување на партијата“.

ДВ: Но, Пендаровски не е член на партијата. Дали сте разговарале со него на оваа тема?

„Не сум разговарал, ниту имам право на тоа. Тоа е задача на најодговорните луѓе во партијата, а конечната одлука им припаѓа на делегатите на конгресот. Но, познавајќи го долго време и имајќи ја предвид неговата јавно дадена изјава по изборите, дека е решен да остане до крај во првите редови во битката против оваа власт, убеден сум дека ако му биде дадена таква понуда, тој ќе ја прифати. Се разбира, неговиот избор за лидер би бил само првиот чекор кој нема да даде резултати, ако во истиот момент не престанат сите кавги и поделби и ако сите не се сплотиме во заеднички фронт. Буквално сите. И новите и старите, и од Скопје и од внатрешноста, и 'заевистите' и 'бранковистите'. Само единствени можеме да му се спротивставиме на ова зло што ја снајде Македонија и трае осум години. Што се однесува до неговото членство во СДСМ, би рекол дека во партијата има многу повеќе книшки отколку вистински членови кои се искрени поддржувачи и борци за спроведување на нашата социјалдемократска програма. А, Пендаровски е токму таков“.

Mazedonien Wahlen Stevo Pendarovski 2014
Црвенковски смета дека Стево Пендаровски е личност околу која можат да се обединат сите во СДСМФотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: По изборниот неуспех во 2011 година, членството ви ја даде довербата и натаму да ја водите партијата. Зошто истата шанса да ја нема и Заев, со оглед дека е само десет месеци на чело на СДСМ, што е реално многу краток период за било што да се направи?

„Се разбира дека и таков исход од Конгресот е можен, доколку мнозинството делегати така одлучи. И во тој случај би повикал на целосно обединување и единство во партијата. Само сложни и сите заедно, со меѓусебна солидарност и лојалност, со цврста верба и решеност можеме да одговориме на овие тешки предизвици со кои се соочуваме“.

ДВ: Се сменија многу лидери на СДСМ, а тоа не донесе резултати. Може ли да биде решение колективно раководство, кое би обезбедило континуитет на сегашното раководство во синергија со ново кадровско засилување, што би ја елиминирало и опасноста од нови поделби?

„Колективното раководење е можно, но само во одреден, краток временски период и со однапред дефинирани цели, на пример, надминување на одредени кризни ситуации и подготовка на партијата за успешно враќање во редовната статутарна поставеност и хиерархија. Во никој случај како трајно решение. Но, дали ваквиот пристап е функционален во оваа ситуација, сепак одговор треба да дадат најодговорните во СДСМ и во конечна фаза делегатите на Конгресот“.

ДВ: Какви реакции очекувате во партијата и во јавноста на овие ваши ставови?

„Не знам и не се оптоварувам со тоа. Ова не го соопштив за да некому му се допадне или да му нанесе штета. Во даденава ситуација верувам дека ова е најдобро за партијата. Искрено и најдобронамерно. Одлуката останува да ја донесат делегатите на Конгресот“.