1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски се јави:Го замрзнува членството, го осудува Заев

ДТЗ /ДВ
26 ноември 2020

По седум години молк, остра реакција и осуда од поранешниот претседател Бранко Црвенковски за изјавите на премиерот Зоран Заев во врска со Бугарија. Тој јавно ги повикува сопартијците да се оградат од ставовите

https://p.dw.com/p/3lryC
Mazedonien Branko Crvenkovski Ehemaliger Präsident der Republik Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

По седум години молк, во јавноста се огласи поранешниот претседател и долгогодишен претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, испровоциран од последното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската Бгнес, коешто предизвика бура од реакции и осуда во земјава. Црвенковски најавува замрзнување на членството, но и заладување на односите со актуелниот премиер и претседател на партијата, а од членството на СДСМ бара да постапат на истиот начин - итно да се свика Централниот одбор на партијата и да се оградат од изјавите на Заев.

Зошто молчев

„Почитувани сопартијци, во изминативе 7 години се решив да не бидам на каков било начин присутен во политичката јавност во Македонија. За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на било кој начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. 

-повеќе на темата: Пендаровски за ДВ: Спорот со Бугарија може да се реши само ако се почитува достоинството на македонскиот народ

Сакав партијата да биде ослободена од какво било бреме од претходните владеења на СДСМ со државата. Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавност за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати. Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина ако не се случеше скандалозното интервју на премиерот и претседател на нашата партија Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава“, вели Црвенковски.

Огромна штета

Според него, направена е огромна и непоправлива штета. „Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Се обраќам до вас почитувани сопартијци за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата“. 

-повеќе на темата: Заев: Фашизмот нема етничка боја, не заборавајте дека и во Македонија имаше соработници

Според Црвенковски, реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни. „Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ“, вели тој.

До одржувањето на таква седница на ЦО, Црвенковски најавува дека го замрзнува неговото членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи