Ципрас ќе го почувствува гневот на улиците
12 ноември 2015Тоа е прв генерален штрајк откако во јанури Алексис Ципрас дојде на власт: на протести повикаа претставниците на државните службеници АДЕДИ и најголемото синдикално здружение на приватниот сектор ГСЕЕ. Тоа значи дека ќе се штрајкува во училиштата, болниците, транспортот, но меѓу незадоволните се и адвокатите, фармацевтите и новинарите. Ќе се штрајкува против зголемувањето на даноците и планираните пензиски реформи. За следната недела е најавен и протест на земјоделците.
Како опозициски лидер, Ципрас ги сатанизираше мерките за штедење наметнати од меѓународните кредитори. Јоргос Цогопулос од атинскиот тинк-тенк Елиамеп за ДВ објаснува: „Владата не само што ги проголта мерките за штедење, туку мутира во истакнат заговорник на мерките за штедење“. Впрочем, левичарот Ципрас во текот на летото донесе и сопствен пакет мерки за штедење, кој сега го спроведува.
Поради тоа, гневот на демонстрантите не е како досега вперен само против кредиторите, туку првенствено против самиот Ципрас. „Тој ветуваше многу и луѓето му веруваа“, вели Цогопулос. Инспекторите на кредиторите во средата се вратија во Атина за да го проверат напредокот на грчките реформи. Владата сака оваа недела да ги одработи сите спорни прашања, за да биде пуштена уште една транша од кредитот- засега две милијарди евра.
Владејачката партија повикува на штрајк?
Новина во историјата на грчките штрајкови е тоа што владејачката партија Сириза ги повикува луѓето масовно да учествуваат во генералниот штрајк. Штрајкот е насочен против „неолибералната политика и уцените на економските и политичките центри на моќ кои се наоѓаат во и надвор од земјата“, се објаснува во соопштението на Сириза.
Бунт против сопствената влада? „Не, не“, вели Пети Перка, државеен секретар во Министерството за сообраќај во Атина. Учеството во штрајкот може да се гледа како притисок, но и како поддршка за владата, вели таа и додава: „Доколку луѓето излезат на улица и се борат, тогаш владата има дополнително оружје во преговорите. Може да се повика на масите“.
За политологот Цогопулос, амбивалентниот однос на грчката левица кон протестите е тактика: „Новата влада се уште трага по вистински однос кон штрајкот. Не смее да го одобрува, но не може така лесно ни да го осуди- на крајот на краиштата, левицата до неодамна самата демонстрираше против мерките за штедење“.
Пораст на насилството
Но честопати протестите не се само вербални. Минатиот петок (6.11) конзервативниот пратеник Јоргос Кумуцакос беше нападнат за време на демонстрациите пред грчкиот парламент. Сомнежите се дека зад нападот стојат десничарски екстремисти. Ден претходно, маскирани луѓе упаднаа во книжарница во Атина и прекинаа книжевна вечер за да протестираат против присуството на социјалистички политичари.
Весникот „Катимерини“ пишува за уште еден, чуден настан: странските експерти кои дошле со задача да извршат екстерна евалуација на Универзитетот во Атина, на почетокот на ноември биле вербално нападнати од страна на бесни студенти, кои по нив фрлале и овошје, и на крајот ги натерале да го напуштат универзитетот.
Економскиот аналитичар Костас Ступас смета дека сите три настани имаат еден заеднички именител и се знак за распадот на владата и државата, кои се задолжени за спроведување на законот.