Ципрас се потпира на континуитет
23 септември 2015Интерните советувања на владејачката левичарска партија Сириза, како и сондирачките разговори со деснопопулистичкиот коалиционен партнер АНЕЛ траеја значително подолго од очекуваното. Кратко пред полноќ дојде потврдата-Алексис Ципрас ја состави новата влада.
Нема големи промени: Еуклид Цакалотос останува министер за финансии, Никос Коцијас повторно е министер за надворешни работи, шефот на АНЕЛ Панос Каменос и натаму е министер за одбрана.
Во владата нема аутсајдери
Персонална промена, меѓу другото, има во ресорите внатрешна политика, образование, здравство и екологија. Изостана професорот по право Јанис Панусис, кој во првата влада на Сириза го имаше ресорот за јавен ред, а во последната изборна кампања беше единствен лев политичар кој се осмели јавно да ја застапи идејата за голема коалиција со конзервативната опозиција.
„Во новата влада веројатно првенствено станува збор за повторно воспоставување на внатрепартиската рамнотежа“, се жали Алексис Папаелас, издавач на атинскиот весник „Катимерини“. Штета е да се отстрани министер како Панусис, кој толку добро ја познава областа за која беше надлежен: „Мораме да останеме оптимисти, зашто ќе биде лошо за нашата земја ако оваа влада доживее неуспех“.
Познати лица во Министертвото за финансии
Меѓународните кредитори првенствено како добар сигнал можат да го сметаат натамошниот ангажман на министерот за финансии Цакалотос. Ципрас во април го назначи 55-годишниот експерт за нов грчки преговарач со партнерите од ЕУ, на тој начин развластувајќи го тогашниот министер Јанис Варуфакис. Само три месеци подоцна, Цакалотос го презеде и водството во Министерството за финансии. За разлика од својот претходник Варуфакис, тој се смета за човек подготвен на компромиси, но кој држи до својот збор. Економистот зад себе има долг стаж како професор во Грција и во Велика Британија, а од 2012 година ја застапува Сириза во грчкиот парламент.
Цакалотос ги најави итните приоритети во интервју за „Катимерини“ кратко пред најновите парламентарни избори: успех во проверката на реформските напредоци од страна на кредиторите, рекапитализација на банките како и „решение“ за грчките долгови.
Новост во кабинетот: „еден непознат јунак“
Внимание предизвика ангажманот на младиот професор по економија Јоргос Хулиаракис како десна рака на Цакалотос, на функцијата заменик министер за финансии. „Тоа е веќе тим кој може да работи заеднички, двајцата практично имаат слични погледи“, коментира политичкиот новинар Андонис Делатолас за грчката телевизија. Хулиаракис студирал економија во Велика Британија и на пошироката јавност и‘ стана познат при првата посета на Ципрас на Берлин.
Според некои информации, тој ужива доверба и кај кредиторите. Грчките медиуми го споменуваа повремено како „непознат јунак во преговорите“ со кредиторите. Во текот на изборната кампања овој економист привремено го водеше финансискиот сектор, а сега станува надлежен за државните давачки, поточно кажано, за кратењата. Новиот тим на атинското Министерство за финансии го очекуваат исклучително големи задачи, смета Панајотис Корлирас, професор по економија на Атинскот универзитет. „Грција нема друг избор освен спроведување на ветените мерки за штедење.“ Кон тоа, според експертот, доаѓаат и два важни предизвици: предлог државниот буџет за 2016 година, како и среднорочниот финансиски план до крајот на 2018 година. Потребно е итно сериозно зафаќање со двата.“
Нов почеток во бегалската политика
Формирањето нов ресор за мигрантска политика во јануари требаше да се сфати како одлука со сигнално значење, но практичното спроведување досега не даде големи резултати: Грција беше преоптоварена со растечките бегалски бранови. Освен тоа, надлежната министерка Тасиа Христолопулу во јавност често реагираше раздразнето на критиките. Сега Алексис Ципрас се обидува да направи нов почеток на овој план: Јанис Муцалас, лекар и активист, кој го водеше ресорот привремено изминатите три недели, треба да остане подолго на функцијата.