1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас сака да победи и пак да преговара

Јанис Пападимитриу / З. Јордановски7 септември 2015

Екс-премиерот на Грција Ципрас во Солун ја претстави својата нова економска програма. Тој ветува дополнителни подобрувања на третиот пакет за помош што го договори со кредиторите.

https://p.dw.com/p/1GS8V
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Papanikos

Отворањето на Саемот на трговија во Солун традиционално е можност за врвните грчки политичари, првенствено за премиерот, да ја претстават својата економска програма. Алексис Ципрас, по оставката како премиер, синоќа настапи само како партиски шеф на Сириза. Но, тоа не го намали интересирањето за неговиот настап - напротив, тоа беше неговиот најважен настап во предизборната кампања за вонредните избори на 20. септември, а се очекуваше и негов биланс на работата на владата што ја предводеше, откако тој ги прекрши сите претходни ветувања и спротивно на референдумскиот резултат сепак прифати нов договор со кредиторите и нови мерки за штедење.

Неговите најубедени приврзаници веројатно ни овојпат не беа разочарани од реториката на Ципрас и од страничните удари на адреса на Берлин. Неговата влада прифатила компромис, но не потклекнала, борбата на трудољубивиот грчки народ ја потресла Европа, а Германија, локомотивата на политиката на штедење, притоа исцрпела голем дел од својот политички капитал. Дебатата за грекзит веќе не е на дневен ред, оцени Ципрас, а „борбата“ за промени и подобрувања на кредитот договорен во август била и натаму отворена. По неговиот реизбор ќе се борел за „реструктуирање“ на долговите и против „распродажба “ на државниот имот. Ципрас сепакне спомна „нови преговори“.

Griechenland Alexis Tsipras Parteichef Syriza in Thessaloniki mit Tsakalotos
Ципрас и Цакалотос во СолунФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Papanikos

Опозицијата реагираше остро на говорот на Ципрас: тој сега ја прави својата трета голема грешка, рече во ТВ-интервју поранешниот министер за стопанство Костас Хаџидакис: „Првата беа лажните ветувања во претходната предизборна кампања, втората беше погрешната тактика во преговорите, со што постигна договор кој е полош од сите претходни, а третата е кога вели: „Сакам силно мнозинство, за да спроведам договор во кој не верувам, но и покрај тоа го потпишав. Тоа не е јасна порака до избирачите“.

Десет нови предизборни ветувања

Пред речиси точно една година Ципрас како шеф на опозицијата имаше голем настап во Солун и вети 300.000 нови работни места, стоп за приватизацијата, повисоки минимални плати, бараше делумно отпишување на долговите и повеќе пари за јавни инвестиции. Таа негова „солунска агенда“ му донесе величествена изборна победа. Но, со оглед на хронично празната државна благајна, тој годинава мораше да се задоволи со многу понеамбициозна програма, која ја изложи во десет точки: од основање нова инвестициона банка, преку јакнење на социјалата, до сузбивање на невработеноста. Некои од тие мерки се значително редуцирана верзија на поранешните предизборни ветувања на Сириза - на пример, наместо порано ветените 300.000, сега се навестени „150.000 временски ограничени работни договори за младите невработени“.

„Солун бр. 2“ е насловот во леволибералниот „Весник на уредниците“ - благонаклонет приод, кој сака да наведе на тоа, дека Сириза и натаму се надоврзува на нејзината стара изборна програма. Конзервативниот весник „Елефтерос Типос“, пак, му префрла на Ципрас за „ветувања без основа и за молчење за новниот меморандум за политика на штедење“. Политичкиот новинар Василис Лирицис му забележува на екс-премиерот за програмско самоволие: „Како и многумина политичари пред него, и тој ветува дека ќе ја промени земјата, но не кажува што точно значи тоа за граѓаните“. Освен тоа, кој сака да ја промени земјата, треба да го прави, а не да зборува за тоа. Главниот изборен слоган на Сириза гласи: „Утрешнината победува“, кој укажува дека Ципрас е олицетворение на новото, неупотребеното во грчката политика што треба да ги потисне старите партии.

Griechenland Wahlen Parlament in Athen
За Ципрас не е сигурно мнозинство во парламентотФотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Giannakouris

Анкетите даваат основа за загриженост

Според актуелните анкети, Алексис Ципрас мора да стравува за посакуваното мнозинство во парламентот: неговата Сириза и конзервативната Нова демократија се речиси рамо до рамо, откако новоформираната партија Народно единство на отцепените од Сириза, предводени од екс-министерот Лафазанис, привлече 4 до 5 проценти од испитаниците. Деснорадикалната Златна зора останува трета политичка сила и дури се надева дека ќе го даде лидерот на опозицијата, ако Ципрас и конзервативците по изборите договорат голема коалиција. Но, уште четири други партии се надеваат на третото место, меѓу нив и некогаш семоќниот социјалистички ПАСОК.

Политичка бламажа, пак, доживува екс-премиерот Јоргос Папандреу, кој пред пет години објави дека Грција е речиси банкрот и го потпиша првиот договор со кредиторите: неговата новооснована партија Кидисо, која кон крајот на 2014 се отцепи од ПАСОК, во анкетите добива само еденипол процент, со што не би влегла во парламентот. Како последица на ова, Папандреу објави дека „поради недоволни финансиски ресурси“ тој нема да учествува на овие избори.