1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас: Ова не е прекин со Европа

ЖА/дпа/афп/ртре 5 јули 2015

По решителното референдумско „не“ на Грците кон реформските планови на доверителите, грчкиот премиер Алексис Ципрас најави нови преговори. Исходот на референдумот, според него, не значи никаков прекин со Еропа.

https://p.dw.com/p/1Ft97
Фотографија: Reuters/ERT/Pool

Сите предупредувања од Брисел отидоа во празно. На мнозинството Грци им е преку главата диктатот да штедат. Поддржувачите на владата во Грција веќе слават во центарот на Атина. На плоштадот Синтагма се веат знамиња на владините поддржувачи, автомобилите возат со вклучени сирени. Иако не се пребројани сите гласови од референдумот на кој се одлучуваше за реформските предлози на кредиторите, јасно е дека победи опцијата „не“. Грците со убедливи 61 процент рекоа „не“ на политиката на штедење, „за“ гласаа 39 насто од граѓаните.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас, по референдумското „не“ на неговиот народ кон предлозите на кредиторите за штедење и реформи, сака нови преговори.

Прв приоритет сега е повторното отворање на банките, изјави тој вечерва во телевизиско обраќање до нацијата. Атина е подготвена за реформи. Итно се потребни инвестиции, како и реструктуирање на долговите. Премиерот планира утре да ги собере лидерите на политичките партии. Ципрас истакна дека на референдумот нема победници и губитници. Грчкиот народ, во тешки услови, покажа дека демократијата не дозволува да биде уценувана.

„Националното единство мора да биде зачувано“, истакна Ципрас, додавајќи -свесен е дека резултатот од референдумот не е „мандат за крах“ со кредиторите, туку мандат за договор со запазување на социјална праведност. Исходот на референдумот, според него, не значи никаков прекин со Еропа.

Referendum jubel athen griechenland
Фотографија: ap

Истовремено, преку грчкото „не“ за условите на доверителите, премиерот Алексис Ципрас гледа потврда на неговото инсистирање за отпис на долговите. „Сега на преговарачка маса ќе се најде и грчкиот должнички товар“, рече Ципрас во телевизиското обраќање.

По победата на реформските противници на референдумот, и грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис најави нови преговори со меѓународните кредитори.

„Од утре почнуваме да ги лечиме нашите рани“, рече тој на грчката телевизија. Европа не смее да биде повеќе огромен железен кафез на политиката на штедење. Неговата влада пет месеци се борела за полабави услови на штедење, но доверителите на 25 јуни поставиле ултиматум за прифаќање на нивниот диктат за реформи.

„Тие ги затворија нашите банки, сакаа да не‘ понижат“, рече Варуфакис. Но, сега, според него, грчкиот народ го отфрлил ултиматумот.

По грчкото „не“ за условите за финансиска помош поставени од кредиторите, водачот на опозицијата Андонис Самарас поднесе оставка од челната партиска позиција. Со тоа Самарас реагира на резултатот од денешниот референдум, за кој Нова демократија пледираше да се гласа со „да“. Поранешниот премиер за грчката телевизија изјави дека сфаќа оти на неговата Нова демократија и‘ е потребен нов почеток.