Ципрас-мајстор на политичкиот шах
21 август 2015Алексис Ципрас првично сакаше да распише гласање за доверба на владата. Потоа го понесе мислата, условите за штедење да ги протурка на вонредна летна седница на парламентот. На крајот се одлучи за оставка. Дали навистина туку така ќе си замине и ќе му го препушти водењето на државата на претседателот Прокопис Павлопулос? Тоа до неодамна беше ужасна опција- доколку се земат предвид нејзините последици.
Претседателот засега молчи
Бидејќи, според грчкиот устав, претседателот во тој случај мора најпрво да му го довери мандатот за формирање влада на Ципрас, а потоа доколку е потребно и на втората и на третата по бројност партија во парламентот- пред да го отвори патот за одржување нови избори. Тоа значи дека и деснорадикалната „Златна зора“- како трета по бројност- би можела да дојде во позиција да формира влада. Павлопулос се уште не се изјаснил околу тоа, дали можеби поинаку ќе го толкува Уставот или ќе биде формирана широка коалиција. Дали внатрепартиската опозиција во Сириза, по можното одвојување од матицата ќе стане трета по јачина политичка сила со задача да формира влада, само за тоа да не го стори „Златна зора“? Ниту една од тие варијанти повеќе не би требало некого да изненади.
Раскол во Сириза
Но, главното прашање и натаму гласи: зошто Ципрас го прави ова? Одговорот е: затоа што не може поинаку. Тој стана шеф на партија без партија. Десетици левичарски пратеници одбија да го следат и важните законски измени без изгласани само благодарение на гласовите на опозицијата. Предноста на новите избори би била во тоа што левичарскиот премиер би можел да ги составува изборните листи како сака, односно, не би им давал место на нив на оние кои го кочат неговиот проект. Итното одржување на изборите би им оневозможиле на радикалните левичари собрани околу министерот за енергетика Лафазанис да формираат фронт против концептот на штедење и да му ги замрсат сметките на Ципрас.
Грчката историја не учи дека во таа земја една левичарска партија може да успее само ако допре до центарот на општеството и доколку ја предводи харизматична личност. Сириза на Ципрас делува така, крилото на Лафазанис- не. Доколку на Ципрас му успее да се ослободи од радикалите, уште еднаш ќе докаже дека е талентиран тактичар. Единствениот проблем е во тоа што третите избори во последните седум месеци нема да решат ниту еден економски проблем. Напротив- ќе чинат многу.