1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Цената на бегањето и враќањето на Мијалков

24 февруари 2021

Сите плаќаме прескапа карта за циркусот кој ни го сервираа, реагира ВМРО-ДПМНЕ. Во јавните реакции најмногу револт е искажан кон отвореното потценување на јавноста со смешни образложенија.

https://p.dw.com/p/3pme2
Nord-Mazedonien Ehem. Geheimdienstchef Saso Mijalkov
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Зошто Мијалков не го зеде решението за притвор од институцијата што го денела тоа решение - Кривичниот суд, туку од Обвинителството? Зошто не му е одреден затворски притвор? Зошто со различни аршини се мери што е олеснителна околност за Мијалков?

Според обвинителката Русковска, олеснителна околност е што самиот се пријавил во Обвинителството, а премиерот Заев укажува на спротивното: со акцијата на надлежните институции на Мијалков не му останала никаква друга опција освен да се пријави, и затоа неговото појавување воопшто не треба да се смета за олеснителна околност.

Ова не се единствените прашања кои и натаму создаваат сомнеж во јавноста околу мотивите со бегањето и враќањето на Мијалков во епицентарот на политичко-правниот земјотрес, кое и доби религиски призвук во шегите за некогаш „недопирливот“: „Мијалков се јави, навистина се јави“.

Повеќе:

-Иди ми, дојди ми

Но, во јавните реакции најмногу револт е искажан кон отвореното потценување на јавноста со смешни образложенија.

Screenshot von Fahndung gegen Saso Mijalkov
Фотографија: Innenministerium Nordmazedonien

„Не можеа ли да смислат нешто подобро? Неодамна прележал Ковид-19, ама оди во изолација заради исти симптоми, и веднаш излегува од изолција како ништо да не било... Дали во случајов станува збор за звучна изолација, штом Мијалков воопшто не слушнал дека полицијата го бара? Се изолирал на домашен терен, или блиску, во соседството?

ВМРО-ДПМНЕ: Сѐ е договорено!

Целиот обид овој случај да добие хепиенд и за правната приказна, и особено за ефикасноста на надлежните институции, тешко фаќа корен, особено кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Направија циркус од државата. Заев, доста е! Доста е со навреди на интелигенцијата на народот. Си играат мајтап, додека мафијата царува!", рече партискиот лидер Христијан Мицкоски на синоќешната прес-конференција.

Тој потенцираше дека сега на секој граѓанин во Македонија му станува совршено јасно дека има договор.

„Прво се договорија да избега, па се договорија да се врати, со посебен третман, со насмевка, со шамар за полицијата, судот, Обвинителството, со шамар за власта. Вечерва недостасуваше уште да му се извинат, бидејќи тој им се извини ним. Тој е најдобра потврда дека постои криминална коалиција Зоран-Вице и Сашо. Дека сѐ е договорено, говорат следните факти. Тој доброволно се прошета пред камерата на провладина телевизија, со прашање на новинарот кој сосема случајно се најде таму... Полиција нема, ама камера има, каква сапуница. Наместо во суд, упат за куќен притвор доби во Обвинителството. Бегалецот од правдата доби куќен притвор, наместо ефективен притвор. Народот добро знае што се случува и конечна правда ќе има кога двајцата ќе бидат таму каде што заслужуваат - во затвор“,рече Мицкоски.

Потенцирајќи дека „сите плаќаме прескапа карта за циркусот кој ни го сервираат“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека „Владата се клати, виси на конец и - и доаѓа крајот".

Драмата наречена „правда"

Најмногу прашања засега стигнуваат за цената на правдата.

„Колку ќе ја чини правдата враќањето на началникот? После пишман евакуацијата, дали криминалниот имот стана легален и нема да се конфискува? Дали тоа е цената која ја плаќа правдата во земјава?“, прашува Петар Богојески, промотор на „Македонски концепт“ и учесник во некогашната иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Исто како и во изминатите години, така и сега, тој тврди дека не постои судир Мијалков – Мицкоски и дека сето тоа е фингирано со цел Заев лажно да биде прикажан како другар на Мијалков.

„Премиерот Заев потврди дека преговарале со адвокатите на Мијалков за условите за негово предавање. Во ред, но не прецизира што договориле и колку тоа ќе ја чини правдата? Колку Македонија му должи на Мијалков? Тоа е следна епизода од драмата наречена “Правда во Македонија”! Сепак сум убеден дека Заев беше со повисока температура од таа на Мијалков, поради фактот што конечно сфати дека е наместен во улогата „другар на Мијалков", од главниот режисер од груевизмот. Така сето ова падна на негова сметка. Вистината е дека „судир Мијалков - Мицкоски" не постои, тие се една екипа. Но успехот на груевистите е што го убедија народот дека тоа е вистински судир, особено дека Заев е прв другар на Мијалков. Тоа секако не го можат оние на чело со Мицкоски, без поддршка од груевистите", смета Богојески.

Според него, епилогот на случајот открива кој што добива.

„Единствен што имаше корист од евакуацијата на Мијалков беше Мицкоски. Заев доби одлична можност да направи потег со кој ќе го заштити Мицкоски и ќе му ја зацврсти позицијата на лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа да си ја заштити и својата позиција како лидер на СДСМ и премиер“, вели Богојески.

Но, смета дека ВМРО- ДПМНЕ сепак ќе претрпи загуба.

„Таа е заробена од ликови од минатото, кои ја користат за пазарење за личната слобода, партија која се движи во сценариото на расформирање на место реформирање. Тоа за жал не е проблем само за ВМРО- ДПМНЕ, туку за целата држава и за опозицијата“, оценува Богојески.