1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Целта на Иванов е и натаму да ја опструира правдата!“

Катерина Блажевска28 мај 2016

СЈО сега ќе има дополнителни тешкотии во подготовката на обвиненија, бидејќи за еден обвинителен акт да биде конзистентен и правно одржлив, треба да ги опфати сите сторители на кривичното дело, вели адвокатот Малиновски.

https://p.dw.com/p/1IwGh
Фотографија: DW/K. Blazevska

Претседателот Ѓорге Иванов за еден и пол месец по вторпат предизвика жестоки реакции во јавноста: прво на 12-ти април, кога донесе одлука да помилува 56 лица, и вчера - кога реши да го „смири“ незадоволството, со тоа што поништи само 22 од контроверзните решенија. „Селективното повлекување на помилувањето ќе придонесе за пораст на чувството на неказнивост во земјата“, реагираше вчера амбасадата на САД во Скопје и повика на целосно повлекување на аболицијата. Со слични пораки на Твитер се огласија амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав и еврокомесарот Јоханес Хан, а портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчич, уште еднаш ја повтори позицијата на ЕУ: „Сите помилувања од претседателот мора неодложно да се отповикаат“. Истото го побара и опозицискиот СДСМ, за разлика од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која ја поздрави одлуката на претседателот.

Правни експерти изразуваат сомнеж дека ваквата постапка на Иванов воопшто не е случајна и дека во оди единствено во насока на натамошно оневозможување на правдата. Ваквиот став го дели и Драган Малиновски, адвокат и поранешен претседател на Државната комисија за спречување криминал и корупција.

ДВ: Господине Малиновски, како ја оценувате одлуката на претседателот да ги поништи решенијата за помилување, но само за 22 лица од вкупно 56?

Драган Малиновски: Претседателот Иванов дополнително ја искомпликува состојбата со вчерашниот потег за делумно повлекување на одлуките за помилување од 12-ти април. Од правен аспект, ваквата одлука е апсолутно неразумна и се коси со елементарните принципи на владеењето на правото, што пак неминовно ќе предизвика и нови турбуленции на политичката сцена. Искрено, очекував претседателот Иванов да го чуе и да го испочитува гласот на јавноста, да ги повлече сите одлуки за помилување и да овозможи едно нормално процесуирање на постапките. На тој начин ќе санираше барем дел од штетата која што тој ја предизвика со својот претходен, непромислен потег. Вчерашната одлука на Иванов е всушност една тешка импровизација со крајно проблематичниот закон за помилување, кој неодамна беше изгласан. Претседателот во еден лонец помешал многу политика и калкуланство, па на тоа се обидува да му придодаде малку право, како зачин, кој би го упристоил неподносливиот вкус на чорбата. Меѓутоа, ова не може да помине, дури и кај оние со силен желудник.

Во кусото обраќање, Иванов не ја удостои јавноста ни со информација кои се тие 22 „политички експонирани лица“ за кои ја повлекува аболицијата, па сега се множат само претпоставки. Познава ли законот категорија „политички експонирани лица“?

Се разбира дека таква одредница нема во законот за помилување. Каде е предвиден и дефиниран критериумот за 'политички експонирани лица'?! Но, не е само ова. Одлуката за делумно поништување на помилувањата отвора и други правни дилеми. Кој е интересот за Република Македонија, што би рекле - јавниот интерес, останатите лица да не се гонат за сторените кривични дела!? Едноставно, претседателот Иванов вчера ја зацементира својата позиција дека нема намера да отстапи од принципот за селективна правда. Сметам дека тоа и не е случајно.

Како ќе се одрази оваа селективност во работата на СЈО, со оглед дека во сите предмети кои се во постапка сега има „шаренило“ - едни се помилувани, а други веќе не?

Имено, во секој од случаите, кои беа на повидок дека ќе резултираат со обвиненија, имаме осомничени т.н. политички експонирани лица, но и други, кои, по видување на Претседателот не спаѓаат во таа категорија. За еден обвинителен акт да биде конзистентен и правно одржлив, тој треба да ги опфати сите сторители на кривичното дело, со презентирање на едно целовито дејствие на извршување. Според тоа, сега во вакви околности, Специјалното јавно обвинителство ќе има дополнителна тешкотија во подготовката на обвиненијата и нивно успешно процесуирање пред судот. Јас немам никакви дилеми дека овој потег на претседателот Иванов претставува продолжение на зацртаната цел за опструирање на правдата, односно да останат неказнети сторителите на тешки кривични дела и виновниците за криминализација на институциите на државата. Сега станува јасно дека политичката и правната разврска нема да можат да се движат паралелно. Актуелната власт ќе продолжи уште пожестоко да ја опструира работата на СЈО, во очекување на изборен процес, без претходно соочување со правдата.