Целосно вакцинирани речиси 228 илјади македонски граѓани
3 јули 2021Македонското министерство за здравство денеска информираше дека интересот за имунизација во земјата секојдневно се зголемува, а вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Ова е добредојден тренд, со оглед на, се чини, неизбежниот налет на позаразниот сој Делта, кој веќе е регистриран во повеќе земји од регионот.
Според Министерството бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 484.220 граѓани. „На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 358.686 граѓани. рва доза вакцина вчера примиле 11.299 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.732 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 586.537 дози вакцини, а ревакцинирани се 227.851 граѓани“, стопи во соопштението на Министерството.
Министерот за здравство Венко Филипче пак истакна дека очекува до петок наредната недела бројот на барем еднаш вакцинирани македонски граѓани да достигне половина милион.
Повеќе:
-Вакцинација со забрзано темпо со „Синовак“ и „Фајзер“
-Колективен имунитет кај 85 отсто од населението ќе не спаси од Делта мутацијата
Инаку со последните денешни бројки од Министерството, 53 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, стои во соопштението од Министерството.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Во меѓувреме продолжува темпото на намален број на новозаболени од Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 11 случаи, од направени 2.723 тестирања. Досега во земјата се направени вкупно 884.593 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на лица кај кои е дијагностициран Ковид-19 од почетокот на епидемијата изнесува 155.700,а починале 5.486 лица. Во понеделник, Комисијата за заразни болести ќе разговара за евентуалните нови мерки за заштита на границата, против ширењето на сојот Делта на вирусот.