Цело село ќе го чека Бајерн
1 август 2013Скапите ѕвезди на минхенскиот гигант сепак ќе го избегнат карактеристичниот мирис на селото, откако управата на четвртолигашот одлучи да го префрли мечот во блискиот Ознабрик. Во Рехден сакаа мечот да се одигра на нивниот стадион, кој е со капацитет од 4 илјади луѓе, но идејата да се постави монтажна трибина за 15 илјади луѓе и рефлектори, се покажа прескапа. Затоа мечот сега ќе се игра пред 20 илјади луѓе во Ознабрик, и милионски ТВ аудиториум, кој на клубот ќе му донесе приход од 400 илјади евра. Селото Рехден, кое има 1.500 жители, практично ќе биде напуштено за време на мечот, затоа што поголемиот дел од жителите најавија присуство на мечот.
„Јас не познавам ниту еден кој нема да биде на натпреварот“, вели градоначалникот Вилхелм Греле. Големата еуфорија ја потврдува и тренерот Предраг Узелац.
„Ова е неверојатно. Сите зборуваат за мечот. Има само една тема“, вели Узелац.
Рехден загуби со 5:1 од градскиот ривал на Бајерн, Минхен 1860 во купот пред 10 години, а тешко може да очекува нешто подобро во дуелот со Бајерн, и покрај тоа што тренерот Пеп Гвардиола се уште експериментира со составот во пресрет на новата сезона во Бундеслигата.
Бајерн загуби од Борусија Дортмунд во германскиот Суперкуп со 4:2, а во пресрет на мечот со Рехден ги очекува и дуелот со Манчестер Сити во Ауди купот.
Големиот Бајерн еднаш веќе доживеа вистински дебакл во првото коло од германскиот куп во 1994 година кога загубија од нисколигашот Вестенбергсгројт, а шест бундеслигаши ја доживеаја таквата судбина минатата сезона, меѓу нив и Хамбург, Вердер, Нирнберг и Ајнтрахт Франкфурт.