Хрватските државници и упатија сочувство на Македонија
3 јануари 2012„Името на претседателот Глигоров ќе остане трајно запаметено по неговата истрајна борба за правата на човекот, слободата и демократијата“, напиша хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ во пораката на сочувство која ја упати до македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Тој додаде дека извонредниот придонес на Глигоров во сите делови на политичкиот живот посебно во демократските промени и мирната трансформација на македонското општество, остава длабок и неизбришлив траг во новата македонска историја. „Затоа заминувањето на овој истакнат државник и голем пријател на Република Хрватска е голема загуба за Вашата земја, нашиот регион и цела Европа“, наведе Јосиповиќ.
Изрази на сочувство од целиот регион
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ пак, во пораката со сочувство до премиерот Никола Груевски, нагласи дека Глигоров беше еден од најистакнатите политичари во регионот и оти ќе остане запаметен како искусен и мудар политичар и искрен пријател на Хрватска. Сочувство на Македонија и‘ упатија и претседателот на Саборот Борис Шпрем и поранешниот претседател на Хрватска, Стјепан Месиќ. Во текот на вчерашниот ден изрази со сочувство за смртта на Глигоров упатија и српскиот претседател Борис Тадиќ и поранешниот словенечки претседател Милан Кучан.
Автор: СН/ ЕМФ/ бета
Редактор: Александра Трајковска