Хрватска ја поддржува Македонија кон ЕУ
2 јули 2013Претседателот на парламентот на Хрватска Јосип Леко, обраќајќи им се на европските пратеници, потсети дека денес регионот на Балканот и југоисточна Европа по почетокот на процесот од Солун е целосно трансформиран.
„Посебно ја поддржувам веродостојната политика на проширувањето на ЕУ како подвижна сила на реформите во државите опфатени со процесот на проширување. Цврсто сум уверен дека процесот на проширување се‘ уште не е завршен и дека тоа мислење го делат моите колеги од регионот“, истакна Леко. Тој притоа нагласи дека Хрватска ќе продлжи да го дели своето искуство од пристапувањето во ЕУ, со цел да се придонесе за соработката, зачувување на стабилноста и унапредување на развојот на Југоисточна Европа.
Според претседателот на хрватскиот парламент, процесот на пристапување во ЕУ е сложен и со големи предизвици, но се исплаќа да се работи на него и не смее да се запре.
Прашањето за името не смее да се проширува на други прашања
Хрватскиот заменик министер за надворешни работи и европски прашања Јошко Клисовиќ ја потврди определбата на Хрватска да им пружи поддршка на сите партнери од Југоисточна Европа на нивниот пат кон ЕУ, бидејќи подобар пат за реформите нема.
„Не треба да се има страв од проширувањето во другите земји, бидејќи сите земји кои ќе станат членки на ЕУ, ќе влезат во неа по ригорозниот предпристапен процес, за време на кој ќе треба да се усогласат со стандардите на ЕУ и ќе внесат нова перпсектива и нова верба во европскиот проект, а таа верба ни е силно потребна“, нагласи Клисовиќ.
Зборувајќи за европските перспективи на секоја од земјите од регионот, за Македонија тој истакна дека „Хрватска ја поддржува и поттикнува Македонија на нејзиниот европски пат“.
„Знаеме поради кое прашање не започнаа преговорите во формална смисла. Во таа смисла последниот предлог на преговарачот на ООН, Метју Нимиц заслужува да се разгледа и од двете држави, Скопје и Атина потребно е да му дадат соодветно внимание на таквиот предлог. Бидејќи според мене дојде време да се донесе одлука и по тоа прашање“, додаде Клисовиќ.
Претставникот на хрватската влада пред европратениците во Стразбур беше категоричен:
„Прашањето за името не смее да се шири понатаму и на другите прашања за да не се забави патот на Македонија како нова европска држава,“ рече хрватскиот заменик министер за надворешни работи и европски прашања.
Сите земји и народи од регионот треба да имаат корист од обединета Европа
Европскиот комесар за проширување Штефан Филе посебно инсистираше на тоа дека сите држави од регионот треба да продолжат одлучно да работат и да се движат кон ЕУ. Според него, Хрватска останува да биде пример за другите земји во регионот што ја потврдува кредибилноста на процесот на проширување, односно кога земјите кандидати ги исполнваат условите, ЕУ им дава европски перспективи.
„Процесот на проширување нема да биде завршен ако сите земји од регионот и сите народи од Западен Балкан не ги искористат придобивките од обединета Европа.“
Филе најави дека во следните месеци ќе се продолжи со процесот за проширување, најавувајќи дека во текот на денешниот ден Европската комисија ќе ја предложи преговарачката рамка за преговорите со Србија.
Што се однесува за Македонија, еврокомесарот посебно иснсистираше на она што веќе го има кажано за земјата, односно залагањето на Комисијата за давање на датум за преговори со јасна перспектива за решавање на прашањето за името според предлозите на Нимиц. Филе пред европратениците посебно инсистираше и на потребата од целосно спроведување на договорот од 1 март меѓу политичките партии од Македонија, за разјаснување на настаните на и по 24 декември.
Кога Штефан Филе започна да зборува за европските перспективи на Македонија, неговиот лапсус предизвика смеа кај присутните на состанокот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, откако тој сакајќи да зборува за „Поранешната Југословенска Република Македонија“, ја нарече земјата „Поранешна Југословенска Република Југославија“, за потоа да ја исправи грешката.