Холанѓаните пак ќе го „окупираат “ Охрид
24 април 2012Долги години туристичките агенции и хотелиерите трагаа по формулата на кој начин да ги убедат пребирливите гости од Холандија пак да му се вратат на Охрид. Клучот очигледно беше во ниските цени на аранжманите и високиот квалитет на услугите. Државата го направи најкрупниот чекор. Од лани ги субвенционира аранжманите и чартер летовите за компаниите и агенциите кои носат гости во Македонија. Холандскиот тур – оператор „Корендон “ и македонската туристичка агенција „Фибула ер травел“ работат организирано и стрпливо, вели Дончо Танески претседател на ХОТАМ:
„Очекуваме максимален број од осумнаесет илјади гости, од кои гарантирано ќе дојдат меѓу тринаесет и четиринаесет илјади Холанѓани. За нас тоа е голема бројка. „Корендон “, „Фибула “ и ХОТАМ во соработка со владата по потпишувањето на договорот заеднички на македонскиот пазар го доведоа и познатиот тур – оператор ТУИ . Овој оператор планира во Македонија да донесе над дванаесет илјади гости со што максимално се очекуваат околу триесет илјади Холанѓани следниве шест месеци. “
Рекордни чартер летови Амстердам – Охрид
Најавата за двојно повеќе холандски туристи од лани ги подгреваат надежите кај туристичките работници претежно во Охрид и Струга за подобра сезона. Се продаваат арнажмани од седум до дваесет и еден ден, вели Танески:
„Во постоењето на Охрид како туристичка дестинација и во екс Југославија немало осум чартери неделно од една дестинација кон Охрид. Годинава ќе биде така.“
Тој ги демантира гласините дека лани Холанѓаните трошеле малку пари надвор од пансионот и дека во Охрид доаѓаат ниско буџетни гости:
„По минатогодишните информации бележевме просечно по петнаесет евра дневно вон пансинска потрошувачка по гостин. Се надеваме дека таа сума годинава може да биде зголемена“.
И други туристички агенции се трудат да донесат организирани странски групи. „Летс травел “ на пример е насочена кон привлекување на гости од Турција и Истокот, но и од Холандија. Регионалниот директор Филип Стефаноски открива:
„Потврдено ни е доаѓањето на триста до четиристотини гости од Холандија. Првата група ние во мај. Ќе се сместуваат во Скопје и Охрид. Се работи за мешани тури со посета на повеќе градови низ Македонија и презентација на нејзините убавини. “
Има добра храна и сместување фали само уште подобра услуга
Анонимна анкета на тур - операторите меѓу гостите во глобала покажала дека тие се презадоволни од понуденото за парите кои ги платиле. Но сигурно е дека има уште многу што да им се понуди на туристите за тие да им прераскажат на другите. Стефаноски, прецизира:
„Услугата во Македонија не е на завидно ниво и ние како агенции и хотелиери ги увидовме недостатоците и разбравме дека треба да инвестираме во подобар квалитет и услуга. Холанѓаните се задоволни од квалитетот на храната, но не и од услугата која не била на завидно ниво. “
Во Охрид неодамна се вршеше обука на дел од туристичкиот кадар со насмевка да ги пречекува гостите и да применува бон – тон.
Холанѓаните ја сакаат Македонија заради планините, езерата, храната. Дел од нив тргнуваат по стапките на родителите кои пред повеќе децении биле тука. Некои од нив ги влече паркот на лалето, кој исчезна во Охрид, а има и такви кои трагаат по романтичните описи на Охрид и езерото од романот „Свадбата на седумте цигани “ од холанѓанецот Ден Долар. Негов споменик има во Охрид и парк кој потсетува на традицоналното пријателство меѓу двете земји.