Хипотеките на Хилари Клинтон
13 април 2015
Зошто сака Хилари Клинтон да биде претседател? Сега, откако конечно ја обзнани нејзината кандидатура, прашањето е повторно во фокусот. Што ја привлече 67-годишната, поранешна прва дама, сенатор и државен секретар назад во измачувачката кампања за највисоката функција во државата? Нејзиното видео соопштение, објавено во неделата, понуди малку објаснувања.
Клинтон наскоро ќе треба да ги објасни причините за кандидатурата, иако во моментов изгледа дека сѐ и‘ оди според планот. Секако, Клинтон ќе се залага за средната класа. Тоа е популарно ветување, кое и претседателот Барак Обама често го дава. Но дури ни тој, се чини, не успеа да го спречи постепеното исчезнување на средната класа во земјата, која е под постојан притисок од финансиски и кризи на недвижности, стагнирачки примања, зголемени трошоци за образование и живот, да наведеме само неколку проблеми. Дури и повиците на Клинтон за еднакви можности се стари изборни апели, кои ги користат и Републиканците.
Но наспроти тоа, Клинтон досега не зазема став за неодамнешните брутални полициски убиства и дискусиите околу расните проблеми, ниту пак ги коментираше големите социјални промени кои ги донесоа истополовите бракови. Дури ни за „тешките“ прашања како регулацијата на финансиските пазари, таа не се произнесе.
Во нејзината Демократска партија, Клинтон речиси и да нема конкуренција. Но, Клинтон се чини си е самата себеси најголемиот ривал во битката за претседателската функција. Во прв ред, таа не се смета за силен кампањер. Прави грешки кога е под притисок, како што покажа и последниот случај со скандалот околу користењето на нејзиниот приватен имејл во периодот додека била државен секретар.
Воздржан ентузијазам
Во секој случај, пред неа останува најголемиот и најтешкиот дел од работата: Клинтон и нејзиниот тим треба да го земат предвид фактот дека најавата на нејзината кандидатура не предизвика некој поголем гласачки ентузијазам во земјата, и покрај постојано добрите резултати на анкетите. Поради недостатокот на алтернатива, многумина во неа повеќе гледаат помало зло отколку голем државник. Она што би можело да биде опасно за неа е широко распространетиот замор од политичкиот естаблишмент чиј составен дел и еден од најпроминентните протагоности е токму таа. Нејзината сила како искусен и тестиран политичар, исто така е и нејзината најголема слабост. Ретко кој може да замисли дека таа би можела да донесе нешто ново по 25 години на политичката сцена.
Хилари Клинтон досега воопшто не ги увери Американците во своите способности. Ќе мора да работи напорно за да се најде на гласачкото ливче за Белата Куќа. Неизвесноста е загарантирана.