Хезболах повикува на демонстрации против антиисламското видео
17 септември 2012Во телевизиски говор синоќа (16.09) Насралах (на фотографијата горе) за денеска најави протести во јужно предградие на Бејрут. Потоа би требало да следат демонстрации и во други градови во Либан. Во безредијата при петочните протести во северниот дел на Либан, инаку, загинаа 11 луѓе.
Насралах истакна дека не е доволна само осудата на филмот „Невиноста на муслиманите“, туку на пророкот Мухамед треба да му биде издејствувана почит во сите земји во светот за да бидат спречени слични напади врз него. Светот мора да биде свесен дека муслиманите нема да останат мирни на навредите. Насралах во филмот гледа обид да се запали омраза меѓу христијаните и муслиманите во блискоисточниот регион. Американската влада ја користи слободата на медиумите како оправдување за емитувањето на филмот. Гневот на арапските демонстрации е насочен кон САД и Израел, а не кон христијаните, вели Насралах.
Кратко пред изјавата на шефот на Хезболах, папата Бенедикт Шеснаесетти ја заврши тридневната посета на Либан. На крајот поглаварот на римокатоличката црква пред илјадиците верници од Либан и Блискиот Исток повика на мир и помирување во регионот. Алудирајќи на филмот за пророкот Мухамед, папата порача: „Во свет во кој насилството незапирливо го проширува бранот на убивања и уништувања, итно е потребно да се ангажираме за братско општество, за изградба на заедништвото“.
Незадоволството кај муслиманскиот свет од филмот кој го сметаат за антиисламски и навредлив не престана ни вчера. Во пакистанскиот пристанишен град Карачи се собраа повеќе стотици луѓе пред американскиот конзулат, при што се судрија со полицијата, која со солзавец и водени топови ги спречи да продрат во силно обезбедуваната зграда. Информациите за еден загинат и повеќе повредени не се потврдени.
Но, во арапскиот свет масовните деминстрации на викендот полека почнаа да стивнуваат. Многу арапски медиуми ги осудија протестите кои однесоа повеќе човечки животи.
Претседателот на Врховниот совет на верските мудреци и голем муфтија на Саудиска Арабија, Шеик Абдулазис бин Абдула ал-Шеик ги предупреди муслиманите да не дозволат да бидат водени од бес, да не убиваат невини луѓе и да не напаѓаат јавни објекти. Оној кој подлегнува на гневот, само се става во служба на намерите на авторите на филмот за Мухамед, истакна тој.
Во бранот протести во арапскиот свет по првото објавување на видеото „Невиноста на муслиманите“ во кое пророкот Мухамед е претставен како хомосексуалец и женкар, во арапскиот свет загинаа повеќе луѓе, а беше убиен и американскиот амбасадор во Либија. Како консеквенца на нападите врз западните амбасади, меѓу кои и германската во Судан, САД и Германија го повлекоа најголем дел од персоналот од Картум.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави: „Го намалуваме персоналот во нашата амбасада во Картум. Се разбира, ќе биде зголемена безбедноста и во другите арапски земји“.
САД пак го повлекоа речиси целиот дипломатски персонал и од Тунис.