1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајндл: Решенијата за кризата се во Договорот од Пржино

А.Ф./Б. Г.26 мај 2016

Договорот од Пржино е клучот за решение на кризата, вели во разговор за Дојче Веле специјалниот пратеник на шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер во Македонија, амбасадорот Јоханес Хајндл.

https://p.dw.com/p/1IuxZ
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Специјалниот пратеник Хајндл инсистира дека Договорот од Пржино и натаму е добра основа за изнаоѓање решение за кризата во Македонија.
„Решенијата произлегуваат од Договорот од Пржино, кој дава јасни параметри за кои партиите се обврзаа минатото лето“, вели Хајндл за ДВ.
Германскиот државен министер Михаел Рот во понеделникот од Брисел изрази „екстремна загриженост за внатрешно-политичката состојба во Македонија“ и порача дека не смее повеќе да се става „на тест трпението на меѓународната заедница и на Европската Унија“.
Хајндл го дели таквиот став и вели дека ЕУ и Германија сакаат да и помогнат на земјата да најде излез од кризата, но патот ќе мора самата да го изоди. Прв чекор на тој пат, според германскиот пратеник, треба да биде повлекувањето на амнестијата на претседателот Иванов.

Амнестијата мора да се повлече
„Априлската амнестија за политичарите на претседателот на државата Ѓорге Иванов ги поткопа овие напори и не е во согласност со Договорот од Пржино.“
Чистењето на избирачките списоци, обезбедување на независноста на медиумите и овозможување еднаков пристап до нив за сите партии, се услови без кои не може да се организираат фер и демократски избори, наведува Хајндл.
Во разговорот, кој во целост ќе го објавиме утре, германскиот пратеник потенцира дека мора да се обезбеди непречена работа на Специјалното Јавно Обвинителство, а сите осомничени од скандалот со прислушкувањето, да одговараат пред законот.
Хајндл не ја исклучува можноста од последици за сите поединци кои ќе ги попречуваат промените и говори за јасни рокови во кои ќе мора да се спроведат обврските. За можната улога на граѓанските организации во преговорите, како и за причините поради Германија одлучи дополнително да се ангажира во македонската политичка криза, читајте утре во интервјуто со специјалниот германски пратеник.
Јоханес Хајндл беше именуван на почетокот на месецов како специјален пратеник на шефот на дипломатијата Штајнмајер во Македонија. Тој веќе на двапати ја посети земјата, а се очекува неговиот ангажман да продолжи и во наредниот период, најмалку до наесен.

Mazedonien Präsident Ivanov
Ѓорге ИвановФотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca