1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајндл: Одолговлекувањето ја парализира Македонија

СН/мф8 јуни 2016

Германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл за Македонија по средбите со политичките лидери во земјата укажа на три услови, кои според него е неопходно да се остварат за излез од политичката криза во земјата.

https://p.dw.com/p/1J2Vc
Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

Јоханес Хајндл по низата средби со политичките и владини претставници во Скопје во изминатите два дена пред новинарите истакна дека Пржинскиот договор е излезот од политичката криза, но процесот на неговата имплементација се одолговлекува и поради тоа кризата ја парализира земјата.

„Имавме отворени дискусии со политичките лидери, Германија ги следи случувањата со голема загриженост. Добрата вест е дека има излез од кризата, а тоа аПржинскиот договор и неговите принципи и правила го поставуваат патот кон демократијата, стабилноста и евроатланските интеграции , а лошата вест е дека процесот се одолговлекува, кризата ја парализира земјата и времето изминува“, изјави специјалниот германски пратеник за Македонија, Хајндл.

Според Германецот, она што е сега важно е да се постигне целосна ревитализацијата на политичкиот договор и тој да се потврди како валидна и обврзувачка рамка за реформскиот процес кој претстои. Хајндл, исто така, го поздрави повлекувањето на помилувањата кои беа направени од страна на претседателот Иванов, со што сега фокусот повторно може да биде ставен на имплементацијата на Пржинскиот договор и оние прашања кои се битни за иднината на земјата.

„Сега е потребно партиите да се договорат за изборниот датум и мора да направат сѐ што е потребно за слободни и фер избори. Второ, на Специјалното јавно обвинителство мора му се обезбеди да ја врши својата работа без никакви опструкции и трето, партиите мора итно да се договорат за имплементацијата на реформските приоритети кои се предвидени со Пржинскиот договор, како и прашањата кои беа адресирани во извештајот на Прибе“, потенцираше Хајндл, додавајќи дека се надева оти политичките лидери ќе го искористат „позитивниот моментум и во интерес на државата ќе го направат она што е потребно за земјата да оди напред и реформите да се остварат“