Хашим Тачи: Претседател во сенка на протестите
27 февруари 2016За една земја не е добар знак кога претседател се избира во услови на жесток отпор: снајперисти и специјалци ја обезбедуваа зградата, додека опозицијата во пленарната сала на парламентот фрлаше солзавец и организираше протести на улица за да го спречи изборот. Ваква беше сликата од Косово додека парламентот гласаше Хашим Тачи да стане претседател на државата.
Новиот претседател одамна е централна фигура во косовската политика. Тој беше еден од најважните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за време на војната на Косово и премиер од прогласувањето независност во 2008-ма. И во актуелната влада, како лидер на една од партиите во коалицијата (ПДК) и министер за надворешни работи, играше една од клучните улоги. Но, билансот од политиката во последните години, за жал, е лош: нерешен српско-косовски конфликт, изливи на насилство, неразјаснети воени злосторства, голема корупција, страшна сиромаштија, масовно иселување.
Во војната и по неа
Тачи ќе ја претставува земјата во време кога владата и опозицијата се со цврсто вкопани позиции. Од последните парламентарни избори Косово е блокирано: најголемата опозициона партија, леворадикалната „Самоопределување“ не ја прифаќа независноста и се залага за спојување на Косово со Албанија. Тоа е кошмар за меѓународната заедница! Истата партија категорично отфрла дијалог за нормализација на односите на Косово и Србија. Се спречува Договорот за поголеми автономни права на српското малцинство на Косово. Парламентот со месеци е парализиран. Барањето гласи: нови избори!
Избори би значеле наново мешање на картите, но тешко дека би го донесле очекуваното вртење кон реформи. Ниту двете најголеми партии ПДК и ЛДК во владејачката коалиција, ниту пак опозиционите партии досега имаат уверувачки одговори за решение на клучните проблеми.
Кон тоа треба да се додаде и дека владејачката коалиција не е составена врз основа на договор за содржината, туку е составена како на пазар. Притоа, во фокусот не стоеја суштинските концепти и политичките компромиси, туку распределбата на функциите и „дилот“ околу претседателот. Оттогаш, опозицијата води огорчена борба против коалицијата. Ниту една страна досега не направи чекор во насока на другата страна. Земјата и нејзината раководна елита се раскарани како никогаш досега.
Интеграциона фигура?
Притоа, за Косово нема алтернатива. Само политичката елита може и мора да даде решенија. Многу важен придонес притоа треба да даде претседателот, кој на Косово, слично на германскиот модел, се избира од страна на парламентот, и има натпартиска, репрезентативна функција. Тешко дека тоа и ќе му успее на новоизбраниот претседател Хашим Тачи. Тој важи за човек кој не е подготвен многу на компромиси и се однесува автократски. Му се префрла дека во односот со противниците повеќе разгорува конфликти, отколку што ги смирува. Таков човек не може да биде интегративна фигура, оценува опозицијата.
Освен тоа, на Тачи му се префрла дека е коруптивен и дека има врски со организираниот криминал. Меѓу другото, името на Тачи постојано се појавува во врска со извештајот на Советот на Европа за илегална трговија со органи и учество во нарачани убиства за време на војната на Косово. Овие обвинувања со години висат во воздух и досега не се правно расчистени. За таа цел, наскоро со работа треба да почне Специјален суд. Но, повеќе од прашално е колку високите претставници на политичката елита имаат интерес за судско разјаснување на воените злосторства за кои постојат обвинувања. Зашто, работата на Специјалниот суд може да биде насочена и кон раководни политичари од редовите на владата и на опозицијата.
Неопходен е внатрешнополитички дијалог
На Косово сега, повеќе од кога и да е, му е неопходно внатрешно помирување и политика на консолидација. Младата држава во процесот на трансформација мора да реши голем број обврски: прво, тука се натамошни права за српското малцинство, компромиси во дијалогот со Србија и, не како последно, треба да се одговори на економските барања и она што значи правна држава. Ако Тачи сака успешно да ја претставува земјата, мора како претседател да ги насочи политичките сили и граѓаните на Косово кон компромиси и тешка работа. Ако тоа не му успее, нов хаос е предпрограмиран. Тогаш патот кон Европа ќе биде уште подалечен.
Вилма Филај-Балвора / превод: ЕМФ