Хаос во Диселдорф во баражот за Бундеслигата
16 мај 2012Тоа беше меч за кој уште долго ќе се зборува, но за жал, не поради спортските достигнувања. Диселдорф и Херта одиграа нерешено 2:2 на реваншот во Диселдорф, откако во првиот меч во Берлин гостите славеа со 2:1. Со тоа, преку баражот Диселдорф по 15 години обезбеди пласман во првата Бундеслига. Но, она што го одбележа мечот беа бројните инциденти на трибините и на теренот, кои кулминираа со масовната инвазија на теренот на навивачите на Диселдорф на една минута пред крајот на мечот.
Претходно судијата Волфганг Штарк на двапати веќе мораше да го прекинува мечот поради фрлање на предмети на теренот од страна на навивачките групи на двата тима. Овојпат, мечот беше во прекин цели 20 минути, пред играчите да се вратат на теренот и да ги одиграат последните 60 секунди.
Диселдорф поведе уште во првата минута од натпреварот преку Бејстер, но Херта израмни со голот на Бен Хатира во 22-та минута. Токму Бен Хатира потоа се претвори во трагичар на мечот за гостите откако во 54. минута беше исклучен од игра. Пет минути подоцна Јовановиќ ги доведе домаќините во ново водство. И со играч помалку Херта напаѓаше и успеа да стигне до израмнување преку Рафаел во 85-та минута. Со уште еден гол, гостите од Берлин ќе го задржеа прволигашкиот статус, но нивните напади врз противничкиот гол беа прекинати по инвазијата на теренот на навивачите на Диселдорф на една минута пред истекот на судиското надополнување.
Во Херта денеска размислуваат дали да вложат жалба на текот на мечот и да бараат разврска на „зелена маса“. Клупскиот адвокат Кристоф Шикхарт изјави дека играчите на Херта се вратиле на теренот по прекинот, единствено поради тоа што полицијата тоа го барала.
„Судијата ги доведе играчите на Херта назад на теренот на барање на полицијата, за да се избегне ескалација на состојбата“, изјави Шикхарт.
Исходот на евентуалната жалба е тешко да се претпостави иако е малку веројатно оти фудбалската федерација ќе го поништи мечот. Инцидентите станаа редовна појава во и надвор од германските фудбалски стадиони во изминативе години. Последниот поголем инцидент се случи во понеделникот во Карлсруе, каде домашниот истоимен тим го загуби баражот за опстанок во втората лига. Незадоволните домашни навивачи потоа се судрија со полицијата. Повеќе од 70 луѓе беа повредени, а стотина беа уапсени.