Хан: со забрзани реформи 2025 е реалистичен датум
6 ноември 2018Македонија може да стане лидер на Западниот Балкан во процесот на пристапување кон ЕУ, а доколку се започне со реализација на реформите, ни 2025 година не е предалечен датум, вели во интервју за весникот Велт, ЕУ комесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.
„Датумот 2025 е индикативен, но доколку се интензивира спроведувањето на реформите, тој е реалистичен. Но, пред влезот мора да бидат исполнети сите услови за членство, нема никакви 'кратенки'. Притоа ќе се водиме од девизата: Квалитет пред брзина“, вели Хан.
Тој во разговорот објаснува дека решавањето на спорот за името испраќа вистински сигнал дека е можно помирување на Западниот Балкан, и може да има позитивен ефект и врз решавање на конфликтот меѓу Србија и Косово, за на крајот да доведе до пробив и во процесот на приклучување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ.
„(...) Од две причини. Прво: Земјите членки на ЕУ го застапуваат ставот дека влезот на земјите од Западниот Балкан има смисла само доколку можат да бидат примени сите шест земји. Решението за пјр Македонија го прави ова сценарио далеку поверојатно. Второ: На Балканот има еден вид позитивна конкурентност, кој ќе ги направи најбрзите чекори. Долго време тој процес го предводеа Србија и Црна Гора, но сега тоа можат да бидат и Македонија и Албанија“.
Хан во интервјуто им се заблагодари на сите пратеници кои гласале за уставните измени во Собранието и оние кои „го ставиле интересот на државата пред партискиот интерес. „Тоа важи особено за пратениците на најголемата опозициска партија, кои гласаа спротивно на партискиот став и притоа ги сносеа и последиците, односно исклучувањето од партијата“.