1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: Се сомневам дека се можни веродостојни избори

БГ12 април 2016

Еврокомесарот Хан порачува дека постапката на Ѓорге Иванов го нарушува владеењето на правото. Тој се сомнева дека се можни веродостојни избори.

https://p.dw.com/p/1IUBr
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан вечерва преку Твитер порача дека смета оти одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да ги аболицира сите политичари „не е на линија со неговото поимање на владееењето на правото“.
Хан вели и дека има дилеми дали се воопшто можни веродостојни избори во Македонија по ваквиот потег на Иванов.
„Во светло на овие случувања, имам сериозен сомнеж дали се можни веродостојни избори во Македонија“, вели Хан.
Еврокомесарот им порачува на политичките лидери во земјата дека нивните последни акции „сериозно ја загрозуваат евроатлантската иднина на земјата“.
„Демократијата значи компромис и служење на граѓаните. Ги повикувам политичките партии да се вратат на преговарачка маса и да работат на реформите“, апелира Јоханес Хан преку својот Твитер профил.

Според европратеникот Ричард Ховит кој посредуваше во носењето на Договорот од Пржино, неговото кршење ќе има сериозни последици.
„Политичарите во Брисел итно ги проучуваат и се консултираат за последните случувања во Скопје и можам да предупредам на многу сериозни последици доколку некоја од партиите или поединец е одговорен за кршење на Договорот од Пржино“, изјави Ховит за Мета. Ховит потсети дека Иванов, по одлуката на Уставниот суд да му одобри на претседателот да аболицира лица за изборен криминал, педофилија и трговија со дрога, ги уверил дека нема да презема такви чекори.
„Истакнувам дека претседателот Иванов претходно даде уверување дека нема да дава амнестија за политички криминал и оти ќе го почитува Договорот од Пржино, кој вклучува и широка меѓупартиска поддршка на Специјалното обвинителство“, рече Ховит.