1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан е уверен дека наскоро е можен договор за името

Барбара Везел
17 април 2018

Еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за ДВ зборува за европерспективите на Западен Балкан, за преговорите за името меѓу Скопје и Атина, како и работата на актуелната влада и делувањето на опозицијата во Македонија.

https://p.dw.com/p/2wBx2
Brüssel  Johannes Hahn
Фотографија: DW

„Длабоко сум уверен дека во наредните недели може да дојде до договор. Мислам дека тие сега отворија нова страница во нивните односи. Исто така и односот меѓу Скопје и Софија е унапреден. Тие сега постигнаа договор за добрососедство за кој се преговараше со години, така што мислам дека новата влада во Скопје врши прилично добра работа. Исто така го поздравувам и го ценам тоа што опозицијата сега е во многу поконструктивен модус, се врати во парламентот, учествува во политичкиот живот и особено во севкупната цел - европската перспектива“. Вака гласи одговорот на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прашањето: што очекува од преговорите меѓу Македонија и Грција за спорот за името во рамките на интервјуто за Дојче Веле.

Може ли наскоро да има договор за името?

Во продолжение и останатите одговори на Хан за европската перспектива на шесте држави на Западниот Балкан:

ДВ: Денеска беа објавени извештаите за напредок на земјите од Западен Балкан. Кои се лидерите во овој процес?

Јоханес Хан: Всушност, не го сакам терминот лидери, бидејќи може да биде погрешно сфатен. Но, претпоставувам дека мислите на две земји, Србија и Црна Гора, кои обично се нарекуваат лидери бидејќи веќе започнаа преговори со нас. Но, ако ги погледнеме шесте земји во регионот, можам да кажам оти, за среќа, помалку или повеќе секаде има напредок. Секако, останува уште работа. Сѐ уште сме далеку од точката кон која тежнееме во поглед на евроските стандарди. Но, ако погледнете подолг временски период наназад, ќе видите дека, би рекол, има многу напредок.

Можете да ми кажете, Ве молам, некои детали? Каде е тој напредок?

Па, во областите на владеење на правото, во борбата против корупцијата, во економскиот развој. Но, би сакале во тие области да видиме одржлив развој. Затоа преферирам да зборувам за процес на пристапување, а не едноставно за преговори. Бидејќи, тоа не е само штиклирање кога се вели дека сме усвоиле нешто, туку се работи за имплементација. Тука би сакале да видиме повеќе напредок во борбата против корупција, посилно, понезависно и потранспарентно правосудство. Ако ја земеме Албанија како пример, таму усвоија многу обемна реформа за правосудството и сега сме во фаза на имплементација.

Сфатив дека не сакате да зборувате на тој начин, но дали има земји со поголеми проблеми за кои имате резерви?

Не би рекол резерви, но не е некоја тајна дека Босна и Херцеговина сѐ уште е голем предизвик, бидејќи ситуацијата таму е покомпликувана отколку во соседните земји. Секако, Косово е уште едно подрачје каде мораме да видиме како ќе продолжи дијалогот со Србија. Целта е Србија и Косово да ги дефинираат односите со правно-обврзувачки договор. Сите го цениме тоа што Косово конечно усвои неопходни законски мерки со кои по две и пол години се завршува граничниот конфликт со Црна Гора, а за тоа е дефинитивно заслужна европската перспектива.

Конечно потешка тема: гледаме процес на разградување на демократијата во Унгарија. Кога ќе го погледнеме зајакнувањето на национализмот, на пример во Србија, и тесните врски меѓу владите на Србија и на Унгарија, дали мислите дека, како ЕУ, влегуваме во нови проблеми кои не можеме да ги решиме?

Најважно е во регионот и надвор од него да постои разбирање оти многу тензии и потешкотии можат да бидат надминати единствено ако овој регион, порано или подоцна, со сите свои делови биде дел од ЕУ. Во регионот постојат одредени фагилности и билатерални проблеми кои можат да се решат единствено ако постои европска перспектива. Тоа е уште една причина што на ова гледаме како на процес. Тоа значи, оти тие нам мораат да ни докажат дека прават напредок и на полето на политичка култура, а тоа вклучува да не бидат националистички и популистички настроени, туку да придонесува за поголема европска култура.

Зарем не се потребни поостри инструменти за да успеат во тие реформи?

Наш најостар инструмент се токму преговорите. Секогаш велам: имаме некои адути пред да започнат преговорите, имаме многу адути за време на преговорите, а како што можеме да видиме, за жал, немаме речиси никакви адути по пристапувањето во ЕУ. Ги научивме своите лекции. Водиме голема сметка за процесот за време на преговорите. Затоа веројатно ќе биде потребно подолго време. Процесот и преговорите во случајот на Хрватска траеја 7-8 години. Се работи за тоа да се види дали некоја земја навистина прави одржлив напредок во вистинска насока.

Дали 2025 година е реалистична?

Звучи и изгледа далеку, во политички категории и навистина е далеку - дури за 7 години. Но, тоа значи затворање на преговорите во 2023 година. Во прицип е можно, но е многу амбициозно.