1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хакери го нападнаа Кремљ

ЖА/дв/дпа/афп/ртре14 март 2014

Хакери ја блокираа интернет страницата на руската Национална банка. И страницата на владата во Кремљ имаше проблеми. Дали нападите се реакција на блокирањето на опозициските портали?

https://p.dw.com/p/1BPuE
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online

Хакери денеска вршат постојани масивни напади врз интернет страницата на рускиот претседател Владимир Путин, и иако западните медиуми тврдат дека била неколкупати урната, таа функционира со повремено забавување, соопшти Кремљ.

„Се врши силен напад врз сајтот. Бидејќи нападот продолжува, можни се прекини во неговата работа. Се преземаат сите мерки за организирање на нормалното функционирање, за да се обезбеди страницата да е постојано достапна“, се наведува во соопштението на службата за односи со јавност на Кремљ, во кое се додава дека на слични напади се подложени и многу други институции.

Страницата на руската Народна банка поради хакерски напад била недостапна еден час, околу 10 часот по локално време, пред состанокот на нејзините челници за каматните стапки. Пред две недели Централната банка, поради украинската криза, ја зголеми основната камата, со цел „да се спречат ризиците од инфлација и да се зачува финансиската стабилност во врска со зголемените потреси на финансиските пазари“.

Вчера од власта беа блокирани четирите најважни опозициски интернет страници. Како што соопшти руската служба за надзор над медиумите Роскомнадсор, погоден е меѓу другите и блогот на водечкиот критичар на Кремњ, Алексеј Навални, кој од февруари се наоѓа во домашен притвор. Блокирањето е образложено со тоа што Навални, и покрај забраната за користење на интернет, и понатаму го објавува својот блог преку свои пријатели. Од февруари со закон е дозволено блокирање на интернет страници без судска одлука.

Недостапна е и страницата Kasparov.ru на поранешниот шаховски првак и активист за човекови права, Гари Каспаров, која исто така е ставена на црната листа. Роскомнадсор го обвинува за „повик на нелегални активности и учество на масовни собири кои се спротивни на јавниот ред“. Страниците меѓутоа се достапни надвор од Русија.

Русија во последно време усвои повеќе закони со кои службите имаат големи овластувања во однос на интернетот. Сега блокираните страници беа водечките на кои опозицијата и независните новинари слободно го изнесуваа своето мислење.