1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаити по ураганот - урнатини и колера

Ане-Катрин Мелман
29 октомври 2016

Неодамна ураганот „Метју“ зад себе остави пустош на Хаити. Хуманитарната помош стигнува бавно.

https://p.dw.com/p/2RNVB
Haiti Welthunger-Index 2016
Фотографија: Rommel/Welthungerhilfe

Од еднастрана сино небо и тиркизно карипско море, од другата – контраст кој тешко се поднесува: во приморскиот град Портапимен доминираат сите сиви и темни тонови на урнатините. Насекаде лежат паднати палми, а нивната зелена боја одамна ја нема. Помеѓу нив расфрлани лежат и остатоци од рибарски колиби и чамци. Жан-Пол Милер седи на еден трупец и вкочането гледа во морето. „Јас сум рибар, тоа е се што знам. Но сега го загубив чамецот и мрежите. Не знам како ќе продолжам понатаму. Немам пари повторно да ја изградам мојата куќа, ниту за да купам храна за децата. Многумина веќе ги испратија своите деца во главниот град Портопренс. Но, и таму нема доволно храна за сите. Јас сепак би останал овде.“

„Се е изгубено“, вели тој. Кога барем повторно би го имал чамецот, би можел да заработи доволно пари неопходни за егзистенција.

Hurricane Matthew Jeremie Haiti
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Barria

Деца изложени на ретрауматизација

Тука има и уште еден контраст кој е тешко сфатлив: додека жителите на Портапимен вџашено стојат пред рушевините во својот град, 60 дечиња пеат и викаат со воодушевување во единствената просторија од училиштето која сеуште има покрив. Додека децата се смеат, нивните родители ги чистат урнатините од своите колиби и се обидуваат од остатоците да состават нешто што би можело да послужи како простор за живеење. Куќата во која живееше осумгодишната Сафора со своето семејство е една од ретките која го издржа ударот на ветрот и водата: „Многу ми беше страв и се тресев кога ураганот пристигна. Беше многу гласно и куќата се тресеше. Морето беше високо и ја поплави внатрешноста на градот“.

Сите покриви од лим одлетаа, и тој од школото, вели Сафора. Училиштето на децата повеќе не им пружа заштита од сонце и дожд, поради што наставата веќе не се одржува, но тоа сеуште е место кое помага да се заборави на тагата.

„Чајлд френдли спејс“ е името на германската организација која пружа помош на загрозените деца и е ангажирана во овој крајбрежен град на југозападот на Хаити. Оваа хуманитарна организација добро се сеќава на искуството од Азија, каде по тамошното цунами помагаше за изградба на центар за деца. Јирген Шибелин, шеф на одделението за Карибите и Латинска Америка вели: „На децата итно им е потребно сместување. Тоа веднаш ја олеснува ситуацијата дома. Тоа е добро и за децата и за родителите. Децата, секако, се екстремно трауматизирани. Часовите откако урганот го опустоши овој град беа страшни. Децата страдаа најмногу. Во моментите кога возразните го префрлаат својот стрес врз децата, доаѓа до нивна ретрауматизација. Поради тоа, овие центри за заштита на децата се добра стратегија“.

Haiti nach Hurrikan Matthew - Krankenhaus Cholera Behandlung
Фотографија: Reuters/A.M. Casares

63 случаи на колера

Неколку стотици метри подалеку во шаторите под отворено небо, превиткувајќи се од болки, лежат болните. Во дворот на единствената клиника во ова место светкаат портокаловите ленти со кои е оградена болницата. Хаити се бори против колера. Уште по разорниот земјотрес во 2010 година земјата се бори против оваа болест. Од тогаш животот го загубија повеќе од 9.000 луѓе. Точниот број на загинати во оваа држава не се знае.

Кај екстремно сиромашното население дијарејата е широко распространета и претставува најчеста причина за смрт кај децата до 5 години. Ураганот „Метју" ги уништи тоалетите и водоводот, па поради тоа се шири колера. Само во вој град, организацијата „Лекари без граници“ веќе регистрираше 63 случаи на колера. Еван Пјере, шеф на клиниката е среќен што успеал со својот тим да дојде во овој град: „Нашата опременост е многу лоша. По ураганот, голем број на луѓе кои боледувааат од колера дојдоа кај нас. Во првите денови некои од нив починаа, но откако ’Лекари без граници’ се грижат за заразените, за среќа нема повеќе смртни случаи. Лекарите ја презедоа одговорноста за заболените од колера. Имаве и неколку сомнителни случаи на тифус и голем број на повредени. Ни недостасуваат голем број на лекови“, вели Пјер.

Дополнителна помош за болните од колера и за децата не пристигна. Конвоите со неопходните намирници и вода за пиење, речиси две недели по ураганот, никој не ги видел. Но, политичарите доаѓаат во посета , па дури и претседателските кандидати кои го користат ураганот за својата предизбонра кампања и на луѓето им ветуваат помош. Има многу кандидати за претседател на оваа држава. Изборите беа одложувани повеќе пати, последниот пат поради ураганот. Од февруари на власт е привремена влада. Еден од кандидатите со најголеми шанси за избор е Жовенел Моаз. Тој во разговор со АРД го поздрави новиот термин за одржувањена изборите, 20 ноември, наведувајќи дека на земјата што поскоро и е потребна политичка стабилност.

Haiti Wahlsituation nach Hurrikan Matthew
Фотографија: Getty Images/AFP/H. Retamal

Потребна е подобра заштита од урагани

Она што исто така е важно е дека жителите на Хаити во иднина треба да бидат подобро заштитени од природни катастрофи како ураганите. Од милијардите американски долари кои стигнаа во земјата по разорниот ураган во 2010 година не се гледа многу. Еден од најголемите тогашни критичари на меѓународната помош е наградуваниот филмски режисер Раул Пек. Неговото семејство живее на брегот од опустошениот град во Портапимен. Веднаш по ураганот тој дојде во градот да помогне во обновата. Пек студирал во Германија, а денес низ целиот свет снима успешни играни и документарни филмови. Облечен во маица и со капа на главата брза кон градот. Во клиниката слуша за тоа што им е најпотребно на лекарите.

„Се е како и минатиот пат. Малку е подобро организирано. Комуникацијата и координацијата – се главните проблеми. Никој точно не знае кој, што и каде работи. Погледнете како изгледа градот. Тоа значи дека за седум дена луѓето ќе почнат да градат по улиците бидејќи немаат друго место. Сигурно ќе добиеме фавела. Секоја катастрофа на Хаити креира нова фавела“.

Тоа би можело да се спречи со добро координирана помош и самопомош, вели Раул Пек.