1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Хрватска не се виновни за геноцид

Б. Георгиевски/ап/ртр3 февруари 2015

Ни Србија, ниту Хрватска не извршиле геноцид за време на војната на хрватска територија по распадот на Југославија, пресуди Меѓународниот суд во Хаг. Белград и Загреб нема да се жалат на пресудата.

https://p.dw.com/p/1EUwf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Dejong

Највисокиот суд на Обединетите нации пресуди дека Србија и Хрватска не извршиле геноцид за време на крвавата војна во 90-те години на минатиот век.

Меѓународниот суд на правдата оцени дека српските сили извршиле бројни злосторства во Хрватска на почетокот на војната, но тие не претставувале геноцид. Советот, составен од 17 судии, исто така оценува дека и за време на офанзивата на хрватската армија против српските бунтовници во 1995 година биле извршени сериозни злосторства, но и тие не го достигнале нивото на геноцид.

Во борбите во Хрватска од 1991 до 1995 година животите ги загубија повеќе од 10 илјади луѓе, а стотици илјади мораа да ги напуштат своите домови.

Денешната (3.02) одлука не беше неочекувана со оглед на тоа што и Трибуналот за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија, лоциран исто така во Хаг, во своето повеќегодишно работење не подигна ниту едно обвинение за геноцид против лица од Србија или од Хрватска, сторен на хрватска територија.

Хрватска поднесе тужба во 1999 година и бараше компензација од Белград. Србија подоцна одговори со контратужба во која клучен аргумент беше операцијата „Бура“ на хрватската армија во Краина.

Одбивајќи ги обете тужби, претседателот на судот Петер Томка соопшти дека бројни злосторства биле извршени за време на војната и ги повика Белград и Загреб да работат на трајно помирување.

Судскиот совет ја отфрли хрватската тужба со 15 гласови „против“ наспроти два гласа „за“. Српската тужба е отфрлена едногласно, што укажува на фактот дека ниту судијата делегиран од Србија во Советот не гласал за нејзино прифаќање.

Одлуките на Меѓународниот суд на правдата се конечни и правно обврзувачки.

Томка рече дека злосторствата како убиствата и масовните протерувања сторени од двете страни содржат елементи на геноцид, но ниту една од страните не ги извршила тие злосторства со „специфична намера“ да уништи одредена популација.

Обете страни изразија разочарување поради одлуката на судот, но најавија дека е време да се продолжи понатаму.

„Не сме среќни, но ја прифаќаме одлуката на цивилизиран начин“, изјави хрватскиот премиер Зоран Милановиќ. „Поминаа повеќе од 20 години, Хрватска е сега членка на ЕУ и може да ја гради својата иднина“.

Во Србија, претседателот Томислав Николиќ оцени дека иако судот не ја прифатил српската тужба за геноцид, сепак, успеал да „отфрли некои вообичаени стереотипи“ дека Србите биле единствени виновници за војната. Тој изрази надеж дека Србија и Хрватска ќе продолжат напред со добра волја.

Единствената пресуда за геноцид судот во Хаг ја донесе во 2007 година и се однесуваше на масакрот во Сребреница. Србија не беше осудена дека го извршила геноцидот, туку дека ги прекршила конвенциите за заштита од геноцид со неуспехот да го спречи масакрот на околу 8 илјади муслимански мажи и деца.