Хаг: Караџиќ беше движечката сила на геноцидот во БиХ
29 септември 2014Обвинителите побараа максимална казна – доживотен затвор, за Караџиќ, кому му се суди за геноцид и други злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, во која загинаа околу 100.000 луѓе. Обвинителот Алан Тигер рече дека Караџиќ своевремено се фалел со своите намери да го збрише несрпското население.
„По стотина сведоци, 80.000 страници транскрипти и 10.000 докази, политиката на етничко чистење на крајот е разоткриена. А, Караџиќ беше нејзината движечка сила“, рече Тигер. Тој нагласи дека геноцидот не мора да значи само убиство и уништување на етнички групи, туку може да биде и уништување на основите за живот на некоја етничка група.
Обвинителот Тигер рече дека територијалните амбиции на Караџиќ биле огромни: „Тврдеше дека подрачјата каде Србите биле мнозински народ пред Втората светска војна треба ним да им припаднат“. Тој Караџиќ го окарактеризира како лажго и мафијаш: „Караџиќ не е градежен инспектор. Тој не зборуваше - 'ова не е погодно тло за градење'. Тој е мафијаш, кој зборуваше - 'немој да градите или ќе бидам присилен тоа да го урнам'. Знаеше која сила ќе се користи“.
Обвинителството во завршниот збор наведе дека одбраната на Караџиќ се обидела сета одговорност да ја префрли на паравоените сили. Караџиќ се смета одговорен за 43-месечната опсада на Сараево, за време на која загинаа 5.000 цивили. Поранешниот претседател на Република Српска, освен за геноцид и злосторства против човештвото, е обвинет и за кршење на законите и обичаите за време на војувањето.
Караџиќ се брани сам и го отфрла авторитетот на Хашкиот трибунал, бидејќи тврди дека тој е алатка во рацете на НАТО, чии воздушни напади ставија крај на војната. Тој своите завршни зборови ќе ги изнесе в среда (01.10.).