Во комплексот згради на владата нема базен. Штета што комунистите меѓу авангардните коцки не направиле еден голем амам. Тоа не го направија ни реставраторите антикомунисти кои единствени во светот успеаја да го покријат кубизмот со гипс картон и да изградат владина царска палата. Навистина, голема штета што нема еден олимписки базен ни во претседателската резиденција на Водно. А, баш би било убаво и благопријатно во овие горештини да имаше такви базени кои протестантите за спасување на Македонија од бугаризација и асимилација би ги освоиле и како во Шри Ланка колективно би се искапеле. Така ќе излезат чисти, а Македонија ќе биде спасена. Сиот свет ќе беше одушевен од македонското чистилиште на идентитетот и на сите посебности.
Добро знам дека пародиите од овој тип, во вакви ситуации водат кон жестока сатанизација, тоа сум го искусил повеќе пати. Но, бидејќи организаторите на протестите го злоупотребуваат незадоволството на граѓаните за освојување на власта, а не за спасување од асимилација и бугаризација и губење на јазикот и националниот идентитет кои никој не може да ги одземе, сметам дека нивната трагична авантура се сведува на една мелодрама која ако превладее разумот на крај ќе заврши како пародија дури и ако ја постигнат целта и ја освојат власта.
Добро проспиена ноќ
Што ќе направат тогаш?
Истото што сега го прави и актуелната власт. Ќе седнат на жешките фотелји и ќе измислат „спасоносно“ подобро решение дека останува негибнат македонскиот јазик и македонскиот идентитет и ќе го прифатат истиот предлог, се викал тој француски или европски. Сеедно. Разликата е само во тоа што кога владее ВМРО-ДПМНЕ стравот е поголем, а протестите се потивки. Ништо друго. Така што, според старогрчкиот афоризам, најдобрата работа помеѓу безнадежноста и надежта е една добро проспиена ноќ. Затоа спијте мирно и бидете спокојни. Собранието ќе ги донесе заклучоците кои ќе се обидат да ги спроведат наредните неколку влади во наредните десет, или дваесет години дополнети со уште многу нови заклучоци, декларации, резолуции и протоколи во зависност, не од зачувување на идентитетските посебности и историското минато, туку од остварување на тешките реформски зафати содржани во поглавјата на Европската Унија.
Кога тоа ќе се случи и Македонија ќе стане членка на ЕУ ниту еден од денешните актуелни политички лидери, ни во Македонија, ни во Европа, ни во соседството нема да биде на власт. Тие генерации што ќе ја завршат работата ќе оценат непристрасно колкави се грешките на претходниците, што сме потрошиле половина век и сме жртвувале неколку генерации на глупости и бесмислена меѓусебна „војна“ за одбрана на нешто што не може да се одземе. Има само еден услов ако дотогаш работите не излезат од контрола и ја загубиме државата. Таа опасност никогаш не треба да се изгуби од предвид.
Сега остана само уште некој од вселената да ни се јави и да каже почнете ги преговорите со ЕУ. Ние стоиме зад вас.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.