1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француски генерали предупредуваат од граѓанска војна

БГ /АФП
28 април 2021

Француската влада се закани дека ќе ги казни активните војници кои го потпишале отвореното писмо на 25 пензионирани генерали со кое се предупредува претседателот Емануел Макрон дека земјата оди кон „граѓанска војна“

https://p.dw.com/p/3sfr3
Frankreich | Bastille Day | Nationalfeiertag 2020 | Coronavirus | Militärparade | Macron
Фотографија: Reuters/L. Marin

Се верува дека меѓу потпишаните на писмото се бројни активни припадници на одбранбените сили. Писмото беше објавено минатата недела во десничарскиот магазин „Актуелни вредности“ и во него се предупредува дека „лабавите“ политики ќе доведат до хаос поради кој ќе биде неопходна „интервенција на нашите другари на активна должност во опасни мисии за заштита на нашите цивилизациски вредности“.
„Крајно време е, Франција е во опасност“, напишаа пензионираните генерали, додавајќи дека неуспехот да се делува против „приградските орди“- се алудира на жителите на мнозински мигрантските населби околу француските градови- и други неименувани групи кои „ја презираат нашата земја“ ќе доведе до „граѓанска војна“ и смрт „на илјадници“.

Владата и левичарските партии остро го осудија писмото кое беше објавено на 60- годишнината од неуспешниот пуч на генералите кои се спротивставуваа на одлуката да му се даде независност на Алжир.
Засега не е јасно колку од потписниците, освен пензионираните генерали, се пензионирале од активна служба во армијата и колку од нив се се уште активни.

Министерката за одбрана Флоренс Парли во понеделникот предупреди дека оние кои се уште се во служба ќе бидат казнети поради прекршување на законот со кој се бара да бидат политички неутрални. Но таа го минимизираше значењето на писмото, изразувајќи убеденост дека „огромното мнозинство“ од француските трупи остануваат неутрални и лојални.
Политичкиот аналитичар Жан-Ив Ками исто така го минимизираше значењето на писмото, изјавувајќи дека потписниците немаат големо влијание во армијата.

Објавувањето на писмото се случува во пресрет на претседателските избори следната година на кои, очекувањата се дека повторно ќе се судрат Макрон и десничарската лидерка Марин Ле Пен. Анкетите покажуваат дека безбедноста и борбата против тероризмот се меѓу приоритетите за многу Французи.

Ле Пен го поздрави писмото и ги покани пензионираните генерали да и се приклучат во кампањата.

Според „Франс инфо“ повеќето од генералите потписници се блиски до десно-радикалните кругови во земјата. Водечкиот потписник, Кристијан Пикмал, е поранешен командант на Легијата на странци кој беше уапсен поради учество во анти-имигрантски протест во 2016 година.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи