Фотографија на денот: Ужасот од Буча
4 април 2022По објавувањето на информациите за стотици цивилни жртви во киевското предградие Буча, украинското обвинителство најави истраги. „Ова е пекол кој мора да се документира за да бидат казнети нелуѓето кои го сториле тоа“, напиша украинската јавна обвинителка Ирина Венедиктова на Фејсбук.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја покани поранешната германска канцеларка Ангела Меркел да ја посети Буча, за да се увери, како што рече, во својата пропадната политика кон Русија од изминатите години. Ваква покана во својата видео порака Зеленски упати и кон францускиот претседател Емануел Макрон.
Сликите од Буча, на кои се гледаат голем број тела на улиците по повлекувањето на руските трупи, предизвикаа ужасеност во светот. Украина ги обвинува руските сили за масакр. Официјална Москва тоа го негира.
Вицепретседателката на Европскиот парламент, Никола Бер, побара формирање „Специјален трибунал за воени злосторства, слично како во случајот со војните во Југославија“: „За нас, монструозноста на овие дела е несфатлива. Тоа се најтешки злосторства против човештвото, тоа се воени злосторства“, изјави Бер.
Германскиот канцелар Олаф Шолц најави натамошни санкции против Русија. „Во кругот на сојузниците ќе договориме нови санкции во наредните денови“, изјави Шолц вчеравечер (3.04), укажувајќи на Буча. „Путин и неговите поддржувачи ќе ги почувствуваат последиците“, потенцираше германскиот канцелар, додавајќи: „Убивањето цивили е воено злосторство. Овие злосторства на руските сили мора целосно да ги разјасниме.“