1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија воведе задолжителна ковид-вакцинација

ЖА / агенции
21 јануари 2022

Законот усвоен во парламентот важи од први февруари, од средината на март ќе има и парични казни - до 3600 евра. Австрија воведува и лотарија како поттик за вакцинирање

https://p.dw.com/p/45s65
Impfstart in Europa - Österreich
Фотографија: Hans Punz/ REUTERS

Во борбата против пандемијата на коронавирус, Австрија е прва земја од ЕУ која воведува општа задолжителна вакцинација. Големо мнозинство на пратениците во парламентот во Виена синоќа дадоа согласност за предлог законот по жестоката дебата. Обврската за имунизацијана сите граѓани над 18 години важи од почетокот на февруари, во спротивен случај од средината на март се закануваат парични казни до 3600 евра. Исклучок се прави за бремени жени, луѓе кои од медицински причини не смеат да примат вакцина и излечени во период до шест месеци по инфекцијата. Мерката не е насочена во прв ред против варијантата Омикрон, туку за спречување евентуелани идни корона-бранови и вирусни варијанти и за растоварување на болниците.

Покрај пратениците од владејачката коалиција од конзервативната Народна партија и Зелените, за законот за задолжителна имунизација против Ковид-19 гласаа и голем дел од пратениците на опозицијата – Социјалдемократите и либералниот Неос, само деснопопулистичката Слободарска партија гласаше целосно против.

Моментно во Австрија важечки вакцинален сертификат имаат 6,4 милиони луѓе, односно 71,8 % од населението. Владата сака да ги мотивира граѓаните на вакцинирање и со воведување посебна лотарија – оние кои се вакцинирани или допрва ќе се вакцинираат, можат да освојат ваучер во вредност од 500 евра.