Важна цел, неостварена надеж
1 септември 2021Европската унија достигна важна цел во борбата против пандемијата. Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, 70 проценти од граѓаните постари од 18 години сега се целосно вакцинирани. „Тоа се повеќе од 250 милиони луѓе кои се имунизирани“, рече таа.
Целта за вакцинирање на 70 проценти од возрасното население во ЕУ против Ковид-19 до крајот на летото беше поставена од Еврокомисијата во јануари. Во тоа време, експертите претпоставуваа дека околу две третини од населението ќе треба да се вакцинираат за да се запре пандемијата на коронавирусот.
Нема крај на пандемијата
Иако оваа надеж не се оствари поради значително позаразниот Делта сој на вирусот, притисокот врз здравствените системи и општеството е енормно намален со кампањата за вакцинација. Имунизацијата, на пример, во голема мерка го намали бројот на сериозно заболени и смртни случаи од Ковид-19 во земјите од ЕУ. Во исто време, многу ограничувања на јавниот живот можеа повторно да се укинат.