1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

80.000 ковид-мртви во Германија

ЖА / агенции
19 април 2021

На централна комеморација во Берлин, претседателот Франк-Валтер Штајнмајер на роднините на починатите од коронавирус им порача дека не се сами во својата болка.

https://p.dw.com/p/3sCgw
Coronavirus | Berlin Kaiser-Wilhelm-Gedächtnis-Kirche | Gedenken für Covid-Opfer
Фотографија: Gordon Welters/Pool KNA/AP/picture alliance

Германското државно раководство вчера во Берлин со централна комеморација потсети на луѓето во земјата кои починаа од Ковид-19. Бројот на учесниците на комеморацијата поради пандемијата беше строго ограничен.

На манифестацијата освен претседателот Франк-Валтер Штајнмајер, претседателот на Бундестагот-Волфганг Шојбле, претседателот на Бундесратот-Рајнер Хазелхоф, канцеларката Ангела Меркел и претседателот на Уставниот суд – Штефан Харбарт, присуствуваа и петмина роднини на починати од коронавирус, кои емотивно ги раскажаа своите лични приказни и искуства.

Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер на блиските на речии 80.000 жртви на коронавирусот им изрази длабоко сочувство, предупредувајќи да не се потиснува и минимизира страдањето предизвикано од пандемијата.

„Мој впечаток е дека како општество не ја изразуваме доволно свеста дека зад секоја бројка се кријат судбини, луѓе. Општество кое го потиснува ова страдање, ќе претрпи штети во целина“, предупреди претседателот.

Berlin Konzerthaus am Gendarmenmarkt | Gedenkfeier Covid-Opfer | Merkel
Канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмајер на церемонијата во БерлинФотографија: Michael Sohn/AFP/Getty Images

Тој потсети и насудбините на оние кои не починаа од последици на Ковид-19, но поради рестрикциите мораа да умрат сами, без  своите најблиски. Потресно и крајно тажно е што луѓе мора да умираат „без последен утешен збор, последен поглед полн со љубов, последен стисок на раката“.

„Сите тие недостигаат, на семејствата, на пријателите, но ќе останат во нашите сеќавања, нема да ги заборавиме“, рече Штајнмајер.

Затоа го смета за важен моментот на потсетување, на заедничко насочување на погледот врз човечката трагедија на пандемијата.

Претседателот апелираше да се зборува за болката, страдањето и гневот, но да не се загубиме во префрлувањето на вината, да не се дозволи пандемијата да го разедини општеството преку различните погледи на мерките и начинот на кој се праваат обиди за нејзино сузбивање: „Да собереме уште еднаш сила за пат нанапред, пат кој води кон излез од пандемијата, по кој треба заеднички да одиме.“

Од почеткот на пандемијата вп Германија од коронавирус заболеа преку 3,1 милион луѓе, а околу 80.000 починаа досега од последици на вирусот.