ФК Вардар на пат кон стариот сјај
3 октомври 2011Само пред два месеца, Вардар беше на дното. Испадна од првата македонска фудбалска лига. Правната битка сепак му овозможи опстанок на македонскиот фудбалски бренд. Сега по 9 одиграни кола, Вардар без пораз е лидер на првенствената табела. Вардар брзо се крева на нозе. Еден од оние, кои ги поврзуваат и средуваат вардаровите клупски врски е познатиот македонски тренер, Илчо Георгиоски.
„Почнавме од нула. Од основни елементарни услови и немавме тим. Сето тоа го направивме за кратко време, во рок од три недели. Тоа е многу краток период за формирање тим и доцневме со подготовките. Но, се направи една многу позитивна атмосфера. Фудбалерите го почуствуваа моментот, вложија максимални напори и тоа се одрази на резултатите до овој момент.“
Вардаровите амбиции растат
Последниот успех на Вардар беше во дербито кога го совлада првакот Шкендија со 2:0 и со 23 бода, два повеќе од второпласираниот Металург води на прволигашката табела. „Ја надигравме Шкендија во секој сегмент од фудбалската игра. Се надевам дека нема да застанеме тука и во ист ритам ќе продолжиме понатаму.“
Како што одминува времето, а резултатите полека доаѓаат и целите кои пред себе си ги поставува Вардар стануваат се’ повисоки. Сега се пука на позициите кои водат кон излезот во Европа. „Нормално дека нашата цел е да излеземе во Европа. Но, првенството е долго. За сега задоволни сме од постигнатите резултати. Одиме од натпревар во натпревар и секој меч за нас има посебно значење. Што ќе биде на крајот, останува да видиме.“
Враќање на стариот сјај
Условите во кои работи Вардар перманентно се подобруваат, откако клубот е под патронат на градот Скопје. „Направени се нови соблекувални, подобрена е состојбата со помошниот терен и во план е изградба на терен со вештачка трева“, објаснува Георгиоски. „Во Вардар дојдоа 117 нови деца фудбалери. Ангажиравме нови тренери кои ќе работат по програма во која се опфатени сите сегменти за развојот на овие млади фудбалери“.
Желбата кај сите, кои во моментов работат во клубот, е Вардар одново да блеска со некогашниот сјај, вели Илчо Георгиоски: „Сите кои во моментот се во Вардар вложуваат максимум. Имаме поддршка и се надевам дека со нашите напори ќе постигнеме успех и клубот ќе биде наму каде што треба. Верувам дека ќе поставиме здрави темели и ќе направиме основа за силен Вардар.“
Автор: Златко Калински
Редактор: Александра Трајковска