1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фијаско на политиката на Западот

ЖА
2 октомври 2018

Заев загуби една битка, но сака да ја продолжи борбата во Парламентот. Избори би биле втор обид за решавање на спорот за името, пишуваат весниците на германски јазик, кои се критични и кон западните политики на Балканот.

https://p.dw.com/p/35rro
Mazedonien Skopje Referendum
Фотографија: DW/F. Schmitz

Во коментарот со наслов „Сликата за непријателот го отслужи своето“, Ерих Ратфелдер во весникот Тагесцајтунг во врска со референдумот во Македонија пишува:

„Иако стануваше збор за иднината на земјата и егзистенцијалното прашање за влез во ЕУ и НАТО, сепак не се успеа измореното од гласања и политички скептично мнозинство од луѓето, кои според сите анкети се за интергација во ЕУ и НАТО, да биде поттикнато да излезе на гласачките места. Националистичката десничарска ВМРО ДПМНЕ направи сѐ за луѓето буквално да ги држи понастрана од гласачките места во неделата. Оваа партија е на работ на понор. Ако шефот на владата и социјалист, Зоран Заев, победи уште еднаш, ВМРО ДПМНЕ веќе никогаш не би можела да ја проектира сликата на Грција како вечен непријател. Опскурното сфаќање на Александар Велики како јунак на словенските Македонци веќе не е доволно да поттикне негативно расположение кон коалицијата на Заев која ги надминува националните разлики. Вечниот непријател Грција нема да биде доволен да се добијат избори.“

Весникот за Заев пишува: „Надежта на левицата на Балкан сега мора да покаже силни нерви, тој мора да издејствува двотретинско мнозинство во Парламентот. Тоа е можно само со 'прелетувачи'. Ако тоа не успее, ќе бидат неопходни нови избори заради расјаснување на односот на силите. Без оглед на сите препреки: Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас се на пат позитивно да ги променат политичките координати на јужен Балкан“.

Зиддојче цајтунг во текстот со наслов „Сите очи се свртени кон македонскиот парламент“ пишува дека македонскиот премиер Заев загуби една битка, но сака да ја продолжи борбата за приклучување на земјата кон Западот преку изјаснување на пратениците. Во тоа македонската влада добива поддршка од странство, како од ополномоштеничката за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг „апелираше до опозицијата да се однесува конструктивно и да ја искористи историската шанса“, потсетувајќи дека вратата на Алијансата е отворена.

„Може да се очекува дека сега од странство ќе биде извршен притисок и врз ВМРО ДПМНЕ, која е членка на Европската народна партија во Европскиот парламент. Во случај во македонскиот парламент да не биде можно никакво решение, Заев најави нови избори годинава“, пишува Зиддојче цајтунг.

Mazedonien Referendum Namensstreit Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Излезност од само 36,9 проценти, а поддршка кон промената на името од 91,5 проценти, овие два факти од македонскиот референдум германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг ги става во овој контекст:

„Поддржувачите на власта исправо укажуваа дека излезноста де факто беше прилично повисока. Стотици илјади Македонци во последните години се иселија од татковината, но и натаму се водат во избирачките списоци. Во одделни региони особено погодени од емиграцијата, беше потребна излезност од 70 и повеќе проценти од вистински присутните гласачи за математички да се дојде до 50 проценти излезност.“

Премиерот Зоран Заев сето тоа го имаше вкалкулирано, надевајќи се, без оглед на нешто намалената излезност, дека ќе може да има доволно аргументи да ги протурка уставните измени низ Парламентот.

„Ако цензусот беше достигнат или да беше барем приближно достигнат, можеби ќе беше замисливо доволно пратеници од конзервативно-националистичката ВМРО ДПМНЕ, која во Парламентот во Скопје има најголема пратеничка група, заедно со владејачките да гласаат за промена на уставот. Но, тоа никако не е сигурно, бидејќи излезноста беше јасно под потребната“, пишува ФАЦ.

Во краткиот коментар објавен во истиот весник се вели дека, по слабата излезност, „политичарите кои инаку непрекинато зборуваат за демократијата како посебна вредност, не треба да го повикуваат Парламентот во Скопје да  го уважи исходот од гласањето. Посебно е лудо што токму во Грција се жалат на национализам во регионот, зашто целата кавга околу името не би постоела без апсурдните барања на Атина. Македонските пратеници, се разбира, можат без оглед на сето тоа да донесат одлука за промена на името, но тоа треба да го направат по своја волја. Западот во секој случај би требало да подготви план Б.“

Репортерката Флора Висдорф од Скопје за весникот Велт пишува дека неуспешниот референдум во Македонија е пораз и за политиката на ЕУ и НАТО. „Еуфоријата може да се нарече губење чувство за реалност, ниската излезност на референдумот е бламажа за Запад“.

И швајцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг во текстот со наслов „Фијаско на западната балканска политика“ гледа слично: „Западната дипломатија инвестираше многу во договорот меѓу Скопје и Атина. Но, дури во поново време, а токму тука лежи проблемот. Долги години немо се посматраше грчката политика на блокада како билатерален проблем.“

На некои влади во ЕУ дури таа им беше добредојдена како кочница за натамошно проширување, констатира весникот, потсетувајќи дека во 2008. година Грција го спречи влезот на Македонија во НАТО и помогна земјата на чело со Никола Груевски да се претвори во изолирана автократија, а унгарскиот премиер Орбан да стане нејзин најдобар пријател. Токму неодлучноста на ЕУ во поглед на петте земји од Западен Балкан придонесе денес кај дел од граѓаните во Македонија да постои нарасната потсвесна одбојност кон празнозвучечката интегративна реторика. Затоа, заклучува весникот, „како излез сега остануваат предвремени избори, како втор обид за решавање на спорот за името.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи