1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФИФА „на тапет“

А. Стен-Цимонс / ЕМФ14 ноември 2014

Разочарување и барања за објавување на целиот извештај - ФИФА е на мета на критики ширум светот поради ослободителната пресуда во случајот со доделувањето на СП на Русија и Катар.

https://p.dw.com/p/1Dn6y
Фотографија: picture-alliance/dpa/Steffen Schmidt

Контроверзната пресуда за доделувањето на СП во 2018 и 2022 година на Русија и Катар наиде на неразбирање и критики ширум светот. Поранешниот ополномоштеник на ФИФА за прашања на реформи Марк Пит, побара комплетно објавување на извештајот од истрагата за обвинувањата за корупција во случајот со идните двајца домаќини на светските фудбалски првенства. „Токму конфликтот меѓу господин Екерт и Мајкл Гарсија покажува дека извештајот за истрагата околу сомнителните доделувања на СП одамна требаше да биде објавен или тој треба сега итно да се објави, за да може секој однадвор да си формира мислење“, изјави Пит за денешното (14.11) издание на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Главниот иследник Мајкл Гарсија уште вчера најави дека ќе се спротивстави, односно ќе поднесе жалба на благата пресуда на неговиот колега, судијата Ханс-Јоахим Еекерт од Етичкиот совет на ФИФА. Германскиот судија ги ослободи Русија и Катар од обвинувањата за поткуп во процесот на доделување на СП и исклучи повторување на процесот, и покрај констатираните нерегуларности кај речиси сите девет кандидати за СП пред да биде извршено доделувањето во декември 2010 година.

FIFA Michael J. Garcia und Hans Joachim Eckert Archiv 2012
Мајкл Гарсија и Ханс-Јоахим ЕкертФотографија: picture-alliance/epa/W. Bieri

По интерната фарса, сега мета на критика е пред се‘ ФИФА. „Ова не е убава претстава на ФИФА. Дури и дете би сфатило дека тука нешто не е во ред“, напиша „Газета дело Спорт“ денеска. Францускиот спортски весник „Л‘Екип“ констатира дека „пазарот“ едноставно продолжува и натаму. „Фигаро“, пак, анализира: „Сплеткарења а ла ФИФА. Извештајот од истрагата за доделувањето на СП на Русија и Катар ја подели светската фудбалска асоцијација и отвора навистина многу прашања.“

Разочаран генерален секретар

Генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке, изрази разочарување поради несогласувањата во Етичката комисија. „Можеме едноставно само да кажеме дека е разочарувачки што двајцата претседавачи на нашата Етичка комисија имаат различни мислења кога станува збор за вакви важни работи во фудбалот“, рече Валке.

Jerome Valcke FIFA Generalsekretär Archiv 2012
Жером ВалкеФотографија: picture-alliance/epa/A. Della Bella

ФИФА се‘ уште не се изјаснува околу можна жалбена постапка. „ФИФА досега не е официјално информирана за тоа и затоа не е во позиција да го коментира тоа“, се одговара денеска од ФИФА на прашањето на новинската агенција ДПА.

Пит, меѓутоа, во „Ноје цирхер цајтунг“ го брани германскиот судија Екерт. „Мора да се сфати дека Екерт нема на располагање мерки на принуда. Тој не може да притвора луѓе или да испрашува сведоци.“ Јавноста очекува од Германецот да суди не само правно, туку и политички. „Тоа очекување Екерт не го исполнува. Тој работеше како германски судија по кривично право.“ И тој така и размислува. За Пит случајот не е затворен, дури и ако ФИФА така гледа на тоа. „Тоа е најглупавото што во моментов може да се каже. Премногу прашања се отворени.“