Филе: Нема магично решение за името
6 декември 2012На конференцијата „Прогресот на Балканот: Борба за надминување на влијанието од кризата“, во организација на тинк-тенк групата „Пријатели на Европа“, што се одржа во Брисел, еврокомесарот Штефан Филе рече:
„Среќен сум што гледам дека Грција направи важни чекори за напредок, меморандумот за разбирање создава добра основа за придвижување и се надевам оти Скопје нема да ја пропушти таа шанса“, пренесува Радио Слободна Европа.
Тој во својот говор истакна дека решение е можно само со отворена политика кон соседите, на пример Грција или Бугарија. Еврокомесарот додаде дека одблиску ја следел комуникацијата меѓу македонските и бугарските власти при којa се адресираат дел од отворените прашања меѓу двете земји, кои спаѓаат во категоријата на добрососедските односи.
Прашан за хашката пресуда, една година по нејзиното донесување, Филе со став - таа не се однесуваше на отварање на пристапни преговори за членство.
„Вие сте слободни да правите се‘ што сакате, тоа е во ваши раце, а со тоа се разбира доаѓа и одговорноста за постапките, ако не ги земете предвид интересот, загриженоста на вашите соседи, бидејќи и тие исто така сакаат и имаат право да прават што сакаат. Но повторно за сето тоа се сноси одговорност. Добрососедските односи значат дека што и да правите, подобро е да го направите тоа со почит кон соседот", рече Филе.