1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук и Мајкрософт во офанзива во скандалот со прислушување

ЕМФ/дв15 јуни 2013

Во скандалот со масовно прислушување од страна на американските тајни служби, дел од концерните кои им давале информации на властите сега преминуваат во офанзива. Фејсбук, на пример, првпат излезе со детали за случајот.

https://p.dw.com/p/18qVu
Фотографија: Fotolia/benjaminnolte

Феjсбук соопшти дека во втората половина на последната година пристигнале меѓу 9 и 10 илјади барања од американските власти, од кои би биле погодени меѓу 18 и 19 илјади профили на членови на оваа социјална мрежа. Во тој број влегуваат како барањата на регионалната полиција, така и барања кои имаат врска со националната безбедност, соопшти Фејсбук. Содржински, барањата биле поврзани со исчезнати деца, но и со закани со тероризам и вообичаени криминални случаи.

Социјалната мрежа не соопштува колку често е позитивно одговорено на ваквите барања. Адвокатот на Фејсбук, Тед Алајот, даде уверување дека Фејсбук „агресивно“ ги заштитува податоците на своите корисници. Концернот често одбива барања или бара од владата да ги намали своите очекувања, или едноставно дава помалку податоци отколку што било побарано од страна на властите, нагласува Алајт.

Остри критики на сметка на интернет концерните

Фејсбук е изложен на големи критики откако беше обелоденето дека концернот, исто како и осум други интернет џинови, давал податоци на американската тајна служба НСА. За разлика од Гугл, Фејсбук досега немаше објавено конкретни бројки за тоа колку барања простигнале од страна на американските власти, образлагајќи дека дел од случаите биле толку тајни, што не смееле ниту да бидат статистички евидентирани.

USA PRISM Internet Überwachung Quelle Edward Snowden
Едвард Сноуден во моментов се наоѓа во Хонг КонгФотографија: Reuters/Ewen MacAskill/The Guardian/Handout

Мајкрософт исто така само делумно објави податоци за барања на властите. Според концернот, во втората половина на 2012 година од тие барања биле погодени околу 31.000 профили.

Компјутерскиот експерт Едвард Сноуден минатата недела на весникот „Гардијан“ и на „Вашингтон пост“ им предаде документи за тајната програма на прислушување, Призма. Со оваа програма американската тајна служба наводно имала широк пристап до податоците на интернет концерни како Фејсбук, Гугл, Мајкрософт, Епл, Јаху и АОЛ. Погодените фирми, меѓутоа, демантираат дека тајната служба имала директен пристап до нивните сервери и нагласуваат дека податоците биле предавани само ако за такво нешто постоела судска одлука.