1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фетула Ѓулен: опозиција на сите турски влади

А. Шерле/бг18 јули 2016

Харизматичниот Ѓулен е роден како син на имам, а и самиот станал свештеник на само 18 години. Верниците ги придобивал со вдахновени говори, а веќе со 27 години станал водечки проповедник во милионскиот град Измир

https://p.dw.com/p/1JQsc
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP

Фетула Ѓулен (на горната фотографија заедно со премиерот Реџеп Таип Ердоган) ретко прима гости во добро обезбедената куќа во Сејлорсбург, Пенсилванија. Овој 72-годишен свештеник од 1999 година живее во САД. Дошол поради здравствени проблеми, и одлучил повеќе да не се враќа во Турција. И токму во САД неговото движење доби замаец.

„Тоа движење се смета за реформистичка струја во Исламот, која се залага за секуларно образование и меѓурелигиски дијалог“, вели за ДВ, Гинтер Зојферт од берлинската фондација Наука и политика.

Харизматичниот Ѓулен е роден како син на имам, а и самиот станал свештеник на само 18 години. Верниците ги придобивал со вдахновени говори, а веќе со 27 години станал водечки проповедник во милионскиот град Измир. Бил задолжен за целиот Егеј. Многу патувал и стекнувал бројни симпатизери, но и непријатели. За време на воениот пуч во 1971 година е уапсен под обвинение дека „ги злоупотребува религиозните чувства за политички и лични интереси“.

Türkei Izmir Verhaftungen nach Putschversuch
Апсења во Измир по неуспешниот воен удар.Фотографија: picture-alliance/AA/E. Atalay

Поддршка за воениот удар

Набрзо потоа е амнестиран и веќе следната година му се враќа на свештенството. Кон крајот на 70. години се формираат и првите приватни образовни институции инспирирани со неговото учење. Ѓулен ги повикува муслиманите да се борат против „пропаѓањето на моралот“, а конзервативните вредности како верата и семејството да ги постават над модерниот индивидуализам, но секогаш во рамките на секуларната граѓанска држава.

Кога армијата во 1980. година повторно изведе воен удар за да ги заштити секуларните текови во државата, Ѓулен го поддржа пучот. „Тоа му овозможи во следните 17 години да биде оставен на мира од секуларните сили“, смета Зојферт. Ѓулен во тој период во целост се оградува од партиите кои проповедаат политички ислам и веќе не се залага за слепо продолжување на традициите, туку за „истражување на природата, откривање на Бога во природните закони и физиката“.

Неговото движење доживува процут во Турција сѐ до 1995 година кога мнозинство гласови на парламентарните избори добива исламистичката партија на Нечметин Ербакан. Токму во тој период, движењето на Ѓулен станува важен адут на армијата за зачувување на секуларната држава. Но, по новиот удар на генералите, Ѓулен се чувствува загрозен и заминува во егзил во САД.

Türkei Militärputsch 1971 neuer Premier Mihat Erim und Generäle
Архива: Новоизбраниот премиер Михат Ерим и генералите по пучот во 1971 годинаФотографија: Imago/ZUMA/Keystone

Масовно движење

Животот надвор од Турција не му штети на движењето. Напротив, го омасовува. Ширум светот тоа има милиони симпатизери, а само во Германија има околу 300 претставништва и десетина приватни училишта кои го пренесуваат неговото учење. Во Турција, цели генерации се образувани на неговото учење, а голем број поранешни ученици сега заземаат важни позиции во политиката, правосудството и армијата. Како што објаснува Зојферт, нивната цел е да го слабеат влијанието на премиерот Ердоган, бидејќи се чувствуваат загрозени од засилената исламизација. Ердоган веќе најави дека ќе затвори повеќе училишта кои го пренесуваат учењето на Ѓулен.