Ферхофстат: ЕУ не е автомат за пари за Полска
5 јули 2018ДВ: Како ги коментирате пораките на полскиот премиер во Европскиот Парламент?
Ги Ферхофстат: Загрижен сум дека со ова може да повлечеме нова „железна завеса" меѓу Источна и Западна Европа. Голем број земји од Централна и Источна Европа, од Балтикот до Црното Море, може да мислат дека би можеле да одат во различна насока, без да мора да ги следат правилата на либералната демократија. Од тоа и се плашам, од нова железна завеса!
Премиерот нагласи дека Полјаците се горда нација и дека полската карта е всушност секогаш дел од европската карта. Европа може да каже што сака...
Тоа е сосема спротивно со она што е целта на ЕУ. Во многу области мора да се следат принципите, правилата и вредностите на ЕУ. Токму тоа е проблем во моментов. Сигурен сум дека мнозинството граѓани на Полска сметаат дека и Полска треба да ги почитува европските правила и вредности. Ние немаме проблем со Полска или полскиот народ, туку со владата во земјата која мисли дека ако има мнозинство може да прави што сака. Тие одат до таму да ја уништат правната држава или да се прекршат човекови права. Ваквиот пристап е погрешен. Мнозинство во парламентот во една демократија значи дека треба да се почитуваат основните вредности и да се почитува правната држава.
Ако ја разгледате ситуацијата во Европа и подемот на десничарските екстремисти, на пример во Италија, изгледа навистина опасно. Во ваква ситуација - дали е потребен овој конфликт со Полска или е подобро да се биде внимателен?
Ние не сакаме кавга со Полска. Европската Комисија едноставноја поттикнува Полска да се придржува до вредностите на ЕУ кога станува збор за Врховниот суд. Ова сигурно ќе биде поддржано и од големо мнозинство Полјаци. Навистина не бараме кавга. Проблемот е што полската влада одбива да признае дека европските правила важат и за Полска.
Премиерот Моравјецки очигледно сака една поинаква Европа, во која националните земји ќе имаат приоритет, а ЕУ ќе биде само еден вид економски простор.
И повеќе од тоа. Тој смета дека ЕУ е еден вид банкомат од кој добива пари. Ама не е доволно само да влечете пари, мора да ги прифатите и вредностите. Едното не оди без другото.
Колку долго може да се издржи ова ? Дали сметате дека растечкиот десен екстремизам е закана?
Да, и затоа мислам дека треба да се справиме со тоа во Европскиот совет. Не е доволно само Европската Комисија да иницира постапки за прекршоци и за тоа да се разговара во Европскиот Парламент. А во Европскиот совет, каде што се собрани колегите на полскиот премиер, не се отвора темата. Ако сите застанат заедно, јас сум сигурен дека Полска, и секако мнозинството луѓе во земјата, ќе ги прифатат европските вредности и ќе застанат зад нив.
Ги Ферхофстат е шеф на пратеничката група на либералите во Европскиот Парламент.Од 1999 до 2008 тој беше премиер на Белгија.