1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Федерика Могерини и Балкан - меѓу зборови и дела

Марина Максимовиќ
29 октомври 2019

Според шефицата на дипломатијата на ЕУ, политиката на проширување во текот на нејзиниот мандат е успешна приказна. Оние кои ја следат нејзината работа на и со Западен Балкан, предупредуваат на отворена Пандорина кутија.

https://p.dw.com/p/3S7WF
EU Westbalkan Treffen
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Федерика Могерини уште еднаш ќе ги собере лидерите на западнобалканските шест земји на работна вечера во Брисел. Станува збор за последен, проштален состанок на Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи со регионот кој, според зборовите на Могерини, беше приоритет на нејзината политика, веднаш зад прашањето за европска безбедност и одбрана.

Поднесувајќи извештај во Европскиот парламент, Федерика Могерини во април оваа година оцени дека политиката на проширување беше една од успешните приказни во текот на петте години од нејзиниот мандат на чело на дипломатијата на ЕУ.

„Нашата политика кон Балкан, на Балкан, но првенствено со Балкан, е успешна приказна која имаше тежок почеток и пат од неочекуваност до воспоставување доверба и заеднички предизвици,“ изјави Могерини. 

Оние кои од 2014. година до денес ја следеа  работата на Високата претставничка „на и со“ Западен Балкан,  не се согласуваат со оваа оценка. Дописниците на западнобалканските медиуми стационирани во Брисел велат дека постои голем „расчекор меѓу зборовите и делата“ и дека Високата претставничка во заминување тешко може да се пофали со некој друг резултат освен декларативно залагање за приближување на Западен Балкан кон ЕУ.

„Босна и Херцеговина не стигна ни до кандидатски статус, дијалогот Белград - Приштина е во ќорсокак,  Србијаи Црна Гора не напредуваат во преговорите, а  Северна Македонија и Албанија не добија зелено светло ни за почеток на преговори“,  наведува за Дојче веле дописникот на РТВ Србија, Душан Гајиќ. 

За таква состојба во процесот на проширување се одговорни првенствено земјите- членки, додава тој, но и Могерини како шефица на дипломатијата го загуби кредибилитетот во бројни ситуации во регионот.

„На пример, со најавата за визна либерализација за Косово, која не се случи, потоа за отворање преговори со Скопје и Тирана, до кое исто така не дојде, без оглед на Преспанскиот договор и крајно, со бројните најави за постигнување конечен договор меѓу Белград и Приштина до крајот на нејзиниот мандат. Гледајќи наназад, сето ова личи на куп празни зборови и не претставува добро наследство за идниот висок претставник“, заклучува Гајиќ.

Могерини го загуби кормилото во дијалогот меѓу Белград и Приштина

Европските функционери на новинарски прашања често знаат да одговараат со реченицата дека „немаат магична топка“ и не можат да знаат што и кога ќе се случи. Шефицата на дипломатијата на ЕУ во заминување може да каже дека верувала во можноста за остварување на некои од очекуваните позитивни чекори.

„Можеби нема да успеете, но ако сте упорни и јасни во целите, вредностите и принципите, добри резултати понекогаш доаѓаат. Можеби по 25, 7 или само 2 години“, велеше Могерини.

SEAE Mogherini - Vucic - Thaci -Treffen in Brüssel
Александар Вучиќ, Федерика Могерини и Хашим Тачи: Дијалогот Белград - Приштина е во ќорсокакФотографија: picture-alliance/AA/EU POOL

Бриселската дописничка на РТВ Косово, Ѓераќина Тухина смета дека и самата Могерини не беше цврста во принципите кога е во прашање политиката кон регионот, а посебно за дијалогот Белград - Приштина, во кој посредуваше, 

„Не се придржуваше кон принципите, зашто мотивација и` беше постигнување договор во текот на нејзиниот мандат. Гласините околу можно добивање Нобелова награда за мир беа некој вид движечка сила нејзиниот приоритет да биде конечно решение по секоја цена во текот на нејзиниот мандат, а квалитетот и последиците на тоа решение да не бидат толку важни“, оценува Тухина.

Тухина, која го следи дијалогот Белград - Приштина од самиот почеток во 2011. година, наведува дека Могерини ги бираше соговорниците во него според лична наклоност („менувајќи формати во зависност од позициите на кои беа нејзините штитеници“, но и менувајќи фази без објаснување што во некоја од нив е постигнато.

Тухина заклучува дека Високата претставничка „му сврте грб на дијалогот“ кога сфати дека конечното решение нема да биде можно во нејзиниот мандат.

„Нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е практично сираче, зашто ’кумата’ дигна раце од крајот на април, од кога беше покрената француско-германската иницијатива, која за главна цел имаше - некако да ја амортизира штетата направена од Могерини во текот на нејзиниот мандат како посредувач“, вели Тухина за ДВ. 

Со оваа оценка се согласува и дописникот на Јавниот сервис на Србија.

„Некаде на половина од нејзиниот мандат се појавија знаци дека таа дијалогот ’го испушти од раце’, а во последната година од мандатот, тоа веќе беше очигледно. Личен ангажман, но без доволно лидерство или посветеност работите вистински да се држат под контрола, недостиг на авторитет и поддршка (од некои, но важни) земји - членки, на крајот доведе до неуспех“, вели Гајиќ.

Дали е Борел спремен за Балкан?

По повеќегодишен вербален ентузијазам како за исходот, така и за ангажираноста од двете страни, во последните месеци стана многу очигледно дека Федерика Могерини веќе не го ни споменува дијалогот Белград - Приштина. И БиХ, на која на почетокот од својот мандат Могерини и` порачуваше дека е во „фокусот на политиката на ЕУ“, веќе не беше споменувана. При крајот на мандатот, зборувајќи за резултатите на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ кон Балкан, Могерини главно го споменуваше потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Скопје и Атина. Меѓутоа, и покрај толку пофалби, ни во Скопје Могерини не остави посебен впечаток.

Belgien Brüssel - Zoran Zaev Premierminister von Mazedonien, Federika Mogherini, EU-Sonderbeauftragte für Außenbeziehungen, und Johanes Hahn
Зоран Заев, Федерика Могерини и Јоханес Хан: Македонија остана во „пакет“ со Албанија и не доби датум за почеток на преговори со ЕУФотографија: DW/V. Gacaferri

„Освен кога се потпишуваше Преспанскиот договор, Могерини не беше присутна во македонската јавност. Една хипотеза која може да се чуе во македонските политички кругови е дека Могерини не и` помогна на Македонија, зашто наводно инсистирала Македонија и Албанија да останат во т.н. пакет за преговори, што е генерално и став на Италија. Според таа теорија, за Македонија би било полесно да почне преговори да не беше во ’пакет’ со Албанија, што потврдија и неколку земји-членки како Холандија и Данска на последниот лидерски самит на ЕУ“, наведува дописничката на националната македонска новинска агенција МИА, Тања Милевска. Таа за Дојче веле додава дека Могерини е присутна во  Северна Македонија  главно низ призмата на дијалогот Белград- Приштина, а што, како што вели, исто така предизвикува загриженост кај македонската јавност.

„Мислам дека Македонија очекуваше од Могерини и од ЕУ генерално појасен и поцврст став против  теоријата за размена на територии“,  вели Милевска.

Федерика Могерини никогаш не ја поддржа или отфрли јасно идејата за можна размена на територии меѓу Србија и Косово, односно промена на граници во регионот.  Тука се и други нејасни и неизречени ставови и договори, променување црвени линии и нетранспарентност во работата, посебно во дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој поради отсуство на „јасен збор од ЕУ“ како посредник и гарант доби „повеќе вистини“ од кои ниедна функционална. Можеби е во прашање неискуство, несреќни околности или едноставно Балкан е таков каков што е, но Федерика Могерини не можеше со Западен Балкан да го постигне тој „историски и неповратен исчекор“ кон иднина во ЕУ. Нејзиниот наследник Жозеп Борел,  вели дека знае оти го чекаат полни раце работа и затоа со својот мандат на шеф на дипломатијата на ЕУ  ќе тргне токму од Западен Балкан.